Достапни линкови

logo-print

Камен темелник на современата македонска држава


Нема промени на ставот во однос на прославата на Илинден во манастирот Прохор Пчињски – велат во македонската влада. Државна делегација предводена од претседателот на македонското собрание Никола Поповски ќе оди во манастирот, и покрај синоќешното соопштение на Српската православна црква која повторно се закани дека нема да дозволи македонска делегација да го посети манастирот се додека македонската влада не даде гаранции дека нема да ги спречува српските свештеници да влегуваат во Македонија. На македонската државна делегација, најавено е дека утре ќе и се придружи и официјална делегација од Белград, предводена од шефот на дипломатијата Горан Свилановиќ.

Инаку, централното одбележување на 100-годишнината од Илинденското востание и македонската државност почнува вечерва во Крушево со свеченото отворање на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“. Синоќа, пак, во Скопје се одржа свечена академија по повод 100-годишнината на Илинден, на која говореше премиерот Бранко Црвенковски. Ако Илинден 1903 беше нашиот корен, тогаш АСНОМ 1944 е нашиот темел, истакна македонскиот премиер:

„Покажавме дека знаеме да ја препознаеме линијата што ги разграничува разумот од глупоста, храброста од лудоста, патриотизмот од национализмот. Во конфликтот од пред две години изгубивме скапоцени човечки животи. Но сепак, Охридскиот договор не е како Дејтонскиот, потпишан со крвта на 200.000 жртви и трагедијата на два милиона бегалци. Тој не е ниту како кумановскиот, наметнат по пат на сила и по силни разорувања и уништувања. Охридскиот договор не е ниту како израелскиот – територија за мир. Тој е нешто сосема различно, сосема спротивно. Охридскиот договор е договор да се сочува Македонија. Да се сочува како унитарна држава со непроменливи и неповредливи граници“.

Чествување во пресрет на едновековниот јубилеј ќе има и низ градовите во Македонија, како и во дијаспората. На 2-ри август, датумот на двата историски Илиндена, големиот народен собир ќе почне на Мечкин Камен со церемонијата на полагање свежо цвеќе на гробот на незнаениот јунак и со дефиле на коњаницата од пет македонски општини. Утре, точно напладне, пред присутните по повод 100 години македонска државност, говор ќе одржи македонскиот претседател Борис Трајковски.
XS
SM
MD
LG