Достапни линкови

logo-print

Далеку од вистински туристички центар


Охрид како најголем туристички центар во земјата треба уште многу да направи за да биде тоа во вистинската смисла. Во тоа се согласуваат и гостите, туристичките работници, надлежните институции, па дури и општинарите. Но, сите ја пренасочуваат одговорноста за причините кои придонесуваат Охрид да назадува во туризмот. Според слободна проценка, во шпицот на сезоната, на крајбрежјето има околу 20.000 туристи, што е помалку од лани. Тоа го потврдуваат и во Одделението за туризам во општина Охрид:

„Податоците укажуваат на фактот дека преку викендите градот е пребукирани со посетители од земјата, а преку неделата се чувствува намален интензитет, чии причини мораме да ги побараме во бројните интерни и екстерни фактори. Проценка е дека основната причина лежи во слабата економска моќ на македонскиот граѓанин, додека незаинтересираноста на странските групи сепак е резултат на тоа што регионот се наоѓа во постконфликтна состојба“ - велат во Одделението за туризам во локалната самоуправа.

Тур-операторите главниот проблем во охридскиот туризам го лоцираат во неорганизираноста на туристичкото стопанство и неговите субјекти. Наместо да одат во туристичките агенции кои нудат секакво сместување, гостите во Охрид се мета на диви станоиздавачи, со што првата слика за повеќето од посетителите е многу непријатна – вели Перо Јакимов, долгогодишен тур-оператор:

„Се нуди сешто. Не постои категоризација на собите. Не постои туристичка полиција, која би го контролирала сместувањето, а пречка е и несреденоста на самиот град. А да не зборувам за проблемот со паркингот“

За надминување на овие проблеми од кои трпат и гостите и туризмот, според Јакимов, општината треба на време да го подготви градот за сезоната. Средства за тоа треба да се собираат од туристичката такса, да се воведат нови содржини во понудата со што туристите би имале избор во трошењето на парите, а домаќините мора да бидат пољубезни со гостите – вели Јакимов.

Според граѓаните кои овде го минуваат годишниот одмор, Охрид е далеку од вистинските туристички центри:

„Позитивна страна се бројните културно-историски споменици, а негативна страна е што не е уреден градот, плажите. Воопшто, секогаш наоѓаат да работат градежни работи во екот на сезоната, а не подоцна и затоа се е раскопано“

Гостите се согласуваат дека Охрид има ретко природно и културно-историско богатство. Но, тие негодуваат дека без вложување на општината и државата во туризмот, Охрид сака да живее од туристите.
XS
SM
MD
LG