Достапни линкови

logo-print

Со една акција не се постигнува многу


Во последните десет години во Хрватска се спроведени вкупно седум акции за доброволно собирање на нелегалното оружје. Последната заврши во декември минатата година. Собрани се преку 6000 парчиња автоматско оружје, преку 67000 бомби и мини, речиси 4000 килограми експлозив.

„Според проценките на Министерството за внатрешни работи седум акции се доволни. Последната траеше доволно долго за нелегалното оружје да биде вратено“ – вели Зинка Бабиќ, портпарол на хрватското МВР, институција која беше носител на националниот проект наречен како „Збогум оружје“.

Основната идеја на оваа кампања беше пораката дека воените трофеи што луѓето ги чуваат дома, можат да предизвикаат само семејна трагедија. Пораката и кампањата добија на сила со два навистина трагични инцидента. На самиот нејзин почеток во мај 2001-та еден средношколец во Вараждин го застрела својот професор, а потоа и себе си. Веднаш потоа во забава на тинејџери во Славонија била активирана бомба што родителите ја чувале дома. Резултатот беше еден загинат и неколку тешко повредени младинци.

„Ваквите настани, за жал, ја сензибилизираа јавноста, односно покажаа дека не се празни предупредувањата на владата оти воените трофеи можат да предизвикаат семејна трагедија“

Акцијата беше проследена со силна медиумска кампања, со поддршка на невладини организации и со активирање на здруженијата на бранителите. Според Бабиќ, токму ова последново беше предуслов за успех на кампањата:

„Во моментот кога здруженијата на бранителите почнаа да се вклучуваат и сами да организираат собирање на оружјето, беше јасно дека јавноста во Хрватска стана свесна дека толку години по војната оружјето е само непотребна опасност“

Сите акции за собирање на оружјето Хрватска ги спроведе сама, без помош на некоја меѓународна агенција. Во една од акциите, спроведена во 1994-та, се предвидуваше парична награда за оние кои ќе го предадат оружјето, но тој принцип е напуштен, вели портпаролот на хрватската полиција.

„Во овој момент ниту хрватската држава има средства, ниту мислевме дека тоа е потребно“.

Промените на законот за оружје овозможија тоа да се предава анонимно и без опасност од кривично гонење, а предавањето се вршеше на однапред определени места.

„Ние освен ова собирање кое предизвика внимание на медиумите, организиравме и јавно уништување на оружјето - неговото топење во Железарницата во Сисак и уништување на експлозивните средства на воените полигони“

Во Хрватска сега е во тек подготовка на нов закон за оружје, кој според Бабиќ ќе биде уште построг кон оние кои држат нелегално оружје, иако и сегашниот закон е доста рестриктивен: тој предвидува казна закон до три години или парична казна од околу 20 илјади евра.
XS
SM
MD
LG