Достапни линкови

Да запрат најавените реформи во јавната администрација


Со сплотени сили Сојузот на синдикатите на Македонија денеска настапува пред премиерот и ресорните министри. Или, после шестмесечни преговарања, договарања и натегања каде да се одржи средбата, кој да присуствува на неа и во колкав број, конечно владата и синдикатот ќе седнат на заедничка маса за да разговараат за сите отворени прашања. Од синдикатот велат: овојпат Муратовски нема да присуствува сам на преговорите:

„На денешните разговори помеѓу Владата и Претседателството на ССМ учествуваат сите претседатели на гранските синдикати како членови на Претседателството, а не поединечно како што беше пред 15 дена“ е ставот на Дојчин Цветановски од Синдикатот за образование.

Масовните отпуштања од работа и начинот на продажба на дел од фирмите загубари ќе бидат само дел од прашањата што ќе бидат отворени на денешната средба.

„Придонесите за стечајните работници, пензиското и здравствено осигурување, неисплатените плати, како и техничките, механички отпуштања“ – вели Симо Силјановски од Синдикатот за здравство. Клучен момент ќе биде што поскоро да се запрат реформите во јавната администрација, бидејќи според најавите, предвидени се брзи отпуштања без претходно спроведени трансформации во овие институции.

„Избегнувањето на решавањето на проблемот со реформите, практично прави повторно нови отпуштања од работа. Секоја администрација во која било нормална држава трае меѓу 10 и 15 години и во тој период практично се искристализирува кој ќе остане на работа и на кој начин ќе функционираат органите“

Од денешната средба меѓу синдикатот и владата ќе зависи каква есен ќе не очекува. Од синдикатот велат: доколку не се постигне договор, ќе мораме да преземеме мерки кои за власта не се популарни, но друга алтернатива немаме:

„Повеќе од сигурно е дека доколку ништо не се направи, од есен натаму ќе има големи немири“ – е ставот на претседателот на ССМ Ванчо Муратовски.
XS
SM
MD
LG