Достапни линкови

Констанца: Посета на министерот Бучковски и началникот на генералштабот Стамболиски


Министерот за одбрана Владо Бучковски придружуван од началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал-потполковник Методи Стамболиски, кој од вчера престојува во Констанца, Република Романија, денеска ќе учествува на средбата на министрите за одбрана на Југоисточна Европа. Тема на разговорите и средбите ќе биде продлабочување на соработката и дијалогот меѓу земјите од Југоисточна Европа, земајќи ја предвид нивната обврска да придонесуваат кон регионалната безбедност и стабилност и да остваруваат добрососедски односи.

Министерот Бучковски заедно со министрите за одбрана на Југоисточна Европа ќе разговараат за остварување на оперативност на мултинационалната мировна бригада на Југоисточна Европа СИБРИГ, формирана од страна на Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Македонија, Романија и Турција, со што ќе се придонесе кон регионалната безбедност и стабилност и ќе се подржат подготовките за интероперативност на Армиите на земјите кандидати за членство во НАТО.

Бригадата ќе биде достапна за можно ангажирање во операции за подршка на мирот и хуманитарни операции. Армијата на Република Македонија во структурата на мултинационалната мировна бригада има декларирано една моторизирана чета и еден инженериски вод. За време на работната посета министерот Бучковски ќе присуствува и на свеченото примопредавање на Претседателството на Координативниот комитет на министрите за одбрана на Југоисточна Европа и политичко-воениот и управен комитет од Романија на Република Турција.

На состанокот на политичко-воениот комитет на Југоисточна Европа ќе се разгледаат можностите за ефикасно и функционално ангажирање на бригадата СИБРИГ и за интензивирање на регионалната соработка.

Преку Координативното тело на министрите за одбрана на Југоисточна Европа ќе се разгледува текот на иницијативата за борба против пролиферацијата на оружјето за масовно уништување, борбата против тероризмот, како и соработка во областа на военото производство, технологијата и истражувањето. Во Констанца, министерот за одбрана Владо Бучковски со министерот за одбрана на Република Романија Јоан Мирчеа Пашку ќе разговара за соработката меѓу Министерствата и Армиите на двете земји во врска со подготовките на нашата земја за членство во НАТО.
XS
SM
MD
LG