Достапни линкови

Пробни времиња претстојат за македонската кревка безбедност


Пробни времиња претстојат за македонската кревка безбедност. Под овој наслов американскиот Џејнс Интелиџенс ривју објавува извештај за состојбата во земјата. Со Охридскиот договор Македонија направи напори да ја заврши етничката тензија со нејзината албанска популација, но како што известуваат Ен Роџерс и Џон Хил, радикалните националисти и криминалните групи се уште претставуваат закана за безбедноста на земјата.

Македонија направи огромен прогрес кон развојот на стабилна и одговорна мултиетничка влада по имплементацијата на Охридскиот Рамковен договор со кој заврши шестмесечниот конфликт меѓу безбедносните сили и албанските бунтовници во две илјади и прва година. Но, македонската безбедност се уште се соочува со многу закани - скорашни и на долг рок - на внатрешен и на надворешен план. Додека високите кругови на поранешната ОНА сега се интегрирани во владата, тоа не е случај на пониско ниво. Џејнс интелиџенс ривју цитира претставник во владата која вели: На пониско ниво, оние што не се задоволни со сегашната ситуација, мислат дека преку насилство ќе можат да ги постигнат нивните цели. Како дополнување на длабоко поделеното општество и економските тешкотии, македонската безбедност е тесно поврзана и со регионалната нестабилност на Балканот. Криминалните и паравоените групи, пишува Џејнс интелиџенс, оперираат во недоволно контролираните подрачја на тромеѓето меѓу Македонија, Косово и Албанија, ангажирајќи ги луѓето во шверц на дрога и оружје и во можни паравоени тренинзи. Од друга страна иако радикалните националистички елементи кои фаворизираат поделба на земјата сега се надвор од политичкиот процес, тие, како што се наведува во извештајот, остануваат на крилата и би можело да се вратат доколку се влоши безбедносната ситуација, било внатре во земјата, било во регионот. Воената посматрачка мисија на Европската Унија во Македонија ,,Конкордија,, ќе биде продолжена до декември до кога три настани ќе ја тестираат јавната реакција во врска со имплементирањето на Охридскиот Договор. Џејнс интелиџенс ривју наведува дека тие се:

Почетокот на учебната година, односно дали во практика ќе се покаже оти илегалниот Тетовски универзитет, долго време извор на несогласување во албанската заедница, е легализиран од владата.

Објавувањето на резултатите од пописот, со кои ќе се дефинира големината на албанското малцинство во Македонија што пак ќе има влијание за тоа како ќе се имплементира Охридскиот договор.

Четириесет и пет дневната акција за предавање на оружјето предводена од Гзим Острени, поранешен командант на ОНА кој сега е член на парламентот од редовите на ДУИ. Ова ќе биде тест за тоа колкава е поддршката за посткризното албанско раководство.

Наведува во извештајот Џејнс интелиџенс ривју во кој подробно се осврнува врз ситуацијата во поранешните кризни подрачја, врз борбата против криминалот, врз економските надежи, но и врз можните репрекусии за Македонија од развојот на настаните на Балканот. Притоа се констатира дека промената на статусот на Косово би можело да ги разбуди радикалните чувства и до обнова на идеите, како оние во поранешната коалициона влада за време на кризата, дека соживотот меѓу двете етнички групи е невозможен и оти единствено решение е поделба на земјата по етничките линии.
XS
SM
MD
LG