Достапни линкови

ЕУ забрзано ги развива своите нови воени сили


Европската Унија забрзано ги развива своите нови воени сили. Нивното прво распоредување како мировни трупи беше во март годинава во Македонија. Унијата потоа испрати сили во Конго, а сега Холандија бара тоа да биде сторено и во Молдавија за да поддржат тамошниот мировен процес.

Традиционалната француска воена парада за Денот на Бастиља, годинава се одликуваше со нешто ново. Парадата беше предводена од германски генерал зад кого маршира војници на новата воена армија на Европската Унија. Ова беше момент на симболизам за силите кои својата прва задача ја добија во Македонија за да ја демонстрираат желбата на меѓународната заедница за тамошниот мир. Во минатиот месец неочекувано Унијата испрати сили во дел од Конго каде што беснееше граѓанска војна. За разлика од Македонија каде што сега е мирно, распоредувањето во Конго е жежок костен за војниците на Унијата кои се предводени од Франција. Во Конго за првпат евросилите користат своја опрема. Како што е познато, во Македонија тие ги употребуваат средствата на НАТО.

„Операцијата во Конго, пред се е француска. Иако таа има печат на Европската Унија сепак оперативната команда е на французите. Во меѓувреме, операцијата во Македонија иако е скромна има многу важна вредност.“

Вели воениот аналитичар Марк Хубен од Центарот за европска политика во Брисел. Деновиве пак, почнаа да се најавува можноста за нова мисија на евросилите – во Молдавија. Холандија како актуелен претседавач на ОБСЕ сугерира нивно распоредување за да го надгледуваат мировниот договор меѓу молдавските власти и русите кои живеат во регионот на Трансдњестар. Европската Унија за оваа можност ќе расправа во идната недела. Сепак, според експертите во Брисел, одлуката нема да биде лесна со оглед на тоа што Русија има интереси во Молдавија. Таму подолго време има руски војници и, како што се образложува, секое распоредување на евросилите треба да биде претпазливо со цел да не се разлути Москва. Хедер Грејб политички аналитичар од Лондон за ваквата потенцијална мисија вели:

„Тоа е навистина критичен развој на соседската политика на Европската Унија, бидејќи опфаќа едно од најважните прашања за тоа како Унијата ќе се справува со проблемите во својот двор - колку долго сака да биде инволвирана таму со цел да се избегнат грешките што Унијата ги напарави на Балканот.“
XS
SM
MD
LG