Достапни линкови

До сега пронајдени над сто масовни гробници


Десетици илјади Ирачани исчезнаа за време на трите децении во кои владееше режимот на Садам Хусеин. Од доаѓањето на коалиционите сили во Ирак досега се пронајдени голем број масовни гробници. Само во едната од нив се пронајдени три илјади тела , кои се ископуваат и идентифицираат. Но, бројот на жртвите на Садам Хусеин е многу поголем. Се поставува прашањето дали виновниците за овие злосторства против човештвото некогаш ќе бидат казнети?

Досега во Ирак се пронајдени сто масовни гробници. Ќе бидат потребни месеци, ако не и години да се откопаат телата на оние што се закопани во нив.Од најголемата досега се веќе ископани 3 илјади тела, а се проценува дека во неа има уште најмалку двапати по толку. Многу ирачани веруваат дека пронајдените гробници се само дел од стотиците локации каде поранешниот режим ги закопувал своите жртви. Имено,со пронаоѓањето на гробниците започнува да се назира одговорот на прашањето каква е судбината на десетици илјади ирачани што се сметаат за исчезнати за време на тридецениското владеење на Садам Хусеин. Според проценките на Хјуман Рајтс Воч само во 1988-та Садам погуби околу сто илјади Курди бидејќи во конфликтот со иран беа на страната на непријателот. Во јужниот и централниот дел на Ирак десетици илјади Шиити исчезнаа откако нивниот бунт против владата беше крваво загушен 91-та. Кувајт исто така тврди дека е непозната судбината на најмалку 600 негови државјани во Ирак.

„Никој нема точни бројки. Луѓето постојано додаваат нови цифри.Моја проценка е дека станува збор за 200 до 300 илјади. И тие не се преувеличани,“

вели претставникот на Комесаријатот за Човекови права на Обединетите нации Мона Ришмави. Според невладините организации кои се грижат за човековите права вистинското прашање во мометов не е колкав е бројот на жртвите, бидејќи е очигледно дека бројките се огромни, туку што меѓународната заедница може да направи за да бидат казнети оние виновни за нивната смрт. Директорот на невладината организација Меѓународен Центар за транзициона правда со седиште во Њу Јорк Пол ван Зил оценува

„Не мислам дека постои свест во јавноста ниту официјална потврда за тоа за каков опсег на кршење на човековите права е одговорен Садам Хусеин. И мислам дека е многу важно и официјално да се утврди што се сторил режимот на Садам, како тоа го сторил и зошто.“

Обединетите Нации и меѓународниот суд за поранешна Југославија и Руанда немаат мандат за Ирак. А Соединетите Држави и Британија кои сега ја преземаа власта во таа земја сеуште не се изјасниле дали доказите за злосторства против човештвото на луѓето што беа дел од режимот на Садам Хусеин ќе бидат изнесени пред ирачките судови . Засега основната функција на новоформираниот суд во багдад од страна на коалиционите власти е да ги суди оние што сториле кривично дела против американските и британските сили. Експертите , поучени од искуството на јужна Америка, посочуваат дека доколку прашањето за исчезнатите се игнорира постконфликтното општество никогаш не може да застане на здрави нозе.
XS
SM
MD
LG