Достапни линкови

Потпишување на договорот за МКС со САД под името Македонија


Договорот што го потпишаа министерката Илинка Митрева и амбасадорот Лоренс Батлер во името на владите на Македонија и на САД, за изземање на американските државјани од ингеренциите на Меѓународниот кривичен суд, беше повод за многубројни реакции. Од оние дека договорот не е потпишан со уставното име, до тие дека е голем чекор напред и употребата на името Македонија, а и значењето на добрите односи со Америка, како стратегиски партнер за безбедноста на земјава. Почнуваме со ставовите на најголемите партии во земјава.

„Исклучително значаен чин со оглед на долготрајното партнерство со оваа држава,“

изјави Игор Ивановски од СДСМ. Теута Арифи од ДУИ вели:

„Партнерството со САД е еден висок приоритет на Република Македонија, затоа сметаме дека одлуката беше очекувана и дека требаше да се донесе.“

Ѓорѓи Трендафилов од ВРМО-ДПМНЕ потенцира:

„Верувам дека предлогот ќе биде поддржан и во собранието на Репувлика Македонија, затоа што две институции на Република Македонија го поддржуваат, тоа е претседателот и владата.“

Претседателот Борис Трајковски го поздрави овој настан, нагласувајќи го фактот што првпат од осамостојувањето македонија потпиа договор со Вашингтон без референцата БЈРМ. Според премиерот Бранко Црвенковски, договорот е значаен бидејќи е потпишан со еден од најзначајните меѓународни фактори. Министерот за одбрана Владо Бучковски пак, вели:

„Ние реално во изминатиот период немавме проблем во поглед на нашето државно уредување. Никој не спореше околу тоа дека сме република. Проблемот е околу името и разликите околу името. Така што, сметам дека овој капитал што го имаме не треба да го обезвредниме, туку да го вреднуваме онака како што треба, тоа е дека е крпен исчекор во решавањето на спорот со името со Република Македонија.“

Американскиот амбасадор Лоренс Батлер смета дека не е правно спорно тоа што во договорот стои Владата на Македонија:

„Овој договор е валиден и сега ќе почекаме тој да биде усвоен во парламентот. Ние ќе работиме многу и ќе и помогнеме на Македонија да стане членка на НАТО.“

Портпаролот на американскиот стејт департмент Ричард Баучер, пак, истакна:

„Употребата на името Македонија е неформално име што се користи во договорот. Но, тоа не значи промена на нашиот став. Формално, САД ја признаваат Македонија како БЈРМ и ги поддржуваат напорите за решавање на спорот со Грција.“

Инаку, американскиот претседател Џорџ Буш донесе одлука за продолжување на воената помош за 22 земји, меѓу кои и за Македонија, откако тие потпишаа билатерални договори со Вашингтон за изземање на американските граѓани од ингеренциите на Меѓународниот кривичен суд.
XS
SM
MD
LG