Достапни линкови

Политичка или образовна потреба на Албанците во Македонија?


Не се работи за решавање на образовен проблем, туку за политичка одлука, вели екс министерот за образование Ненад Новковски коментирајќи ја последната владина одлука за измена на Законот за високо образование со што се отвора простор за легализација на малоречанскиот универзитет што веќе осум години функционира како пара институција.

„Апсолутно не се работи за образовен, туку за политички проблем којшто беше создаден и ескалира во времето на претходната влада на господинот Црвенковски. Пред да се основа универзитет на албански наставен јазик, господинот Бранко Црвенковски тогаш политизираше дека тоа не може, дека не е во согласност со уставот итн, за на крај тоа да се формира после подолго време, со што е нанесена поголема штета на квалитетот на образованието. Не е јасно каква беше смислата на сите тие постапки“

Додека според политикологот Хисен Рамадани одлуката за легализација на тетовскиот универзитет претставува:

„Взаемна еманципација на Македонците и Албанците на пат кон усогласени односи во сите домени на идното заедничко живеење“

Со легализација на оваа високообразовна институција, бројот на универзитетите, вклучувајчи го и Универзитетот на ЈИЕ ќе биде четири:

„Во Македонија треба да има поголем број на универзитети. Грешка е што претходната влада не го прифати елаборатот за штипскиот универзитет и јас се надевам дека тоа најбргу ќе биде реализирано, а во поглед на квалитетот на образованието може да се случи и едното и другото – зависно од луѓето, од квалитетот, од мотивацијата. Има универзитети со различен квалитет, дури и на еден универзитет може различни катедри да имаат различна тежина“

изјави екс министерот Ненад Новковски. Според Рамадани една од причините зошто сега се оди на легализација на тетовскиот универзитет е:

„Заради тоа што и Македонија веќе не е она што беше. Рамковниот договор и уставните реформи воспоставуваат односи и стандарди во кои се бара политичката волја на субјектите постојано да кохабитира, оти инаку пак ќе дојдеме во криза“.
XS
SM
MD
LG