Достапни линкови

Вандали го уништуваат и она малку што е направено


Забава, рекреација, одмор... Е можност што градот Скопје на своите жители им ја нуди оскудно. Освен градскиот парк, луна паркот кој е само за деца, или пак затворените базени, во градов немате голема мозност за рекреирање, доколку не посетите некоја локација за која треба да пропатувате надвор од него. Но, според најновиот настан изгледа дека и она малку што го имаме незнаеме да го сочуваме. Искршени канделабри, изгазени тревници, сосема уништени мостчиња е сликата што деновиве ќе ве дочека во Градскиот парк во Скопје, доколку некој од граѓаните се подготвил за прошетка низ единственото зеленило во градот. Штотуку реновираниот дел од градскиот парк, при што беа обновени 19 мостчиња во паркот, поставено осветлување, обновено зеленилото, со започнувањето на матурските вечери, летните техно зурки, од младите луѓе кои паркот го користат за забава, е сосема уништен.

„Главно се случува во ноќните часови, на самиот почеток беше буквално откорната влезната рампа. Понатаму почнаа да влегуваат возила низ паркот и се разбира дека ќе настрадаат и канделабри и корпи и се што ќе се најде на патот на тие возила. Апелираме до граѓаните тоа да не се случува, и во исто време ги информираме дека тоа веќе нема да го толерираме и дека ќе се санкционира со ригорозни казни,“

вели Ѓорѓи Тулевски раководител на проектната канцеларија во градското собрание. А иако од други причини, и децата во градов немаат многу можност за
рекреирање и забава. Детскиот Луна Парк, со старите реквизити што ги нуди е сосема неатрактивен за нив.

„Нема многу средства, тоа се многу скапи реквизити. Работиме, се интересираме, знаеме дека ни треба, и се надеваме дека до крајот на годинава ќе има уште еден реквизит. За да биде европски луна парк треба многу големи инвестиции и ова што го имаме треба да се тргне. За тоа треба да одлучат други,“

потенцира управителот на детскиот Луна Парк Миодраг Атанасиевски. Со оглед на финансиската состојба на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, скопјани уште долго ќе мечтаат за забавен парк сличен на оние во Европските метрополи.
XS
SM
MD
LG