Достапни линкови

logo-print

Петар Гошев, министер за финансии. Период на фискална консолидација во Македонија


На почетокот на мандатот се соочивте со огромна буџетска дупка. До каде дојдовте со нејзиното покривање?

Па, прво затворивме некои големи обврски, пречекорувања, неодговорни трошења на почетокот на минатата година кога имавме ребаланс. Меѓутоа, со ребалансот откривме нови долгови непријавени.

Мислите на почетокот на оваа година?

Да, веднаш после ребалансот. Во периодот по усвојувањето на буџетот после аранжманот со ММФ исто така секојдневно откриваме обврски создавани, непријавени. Едноставно, летаат фактури кон министерството, утужени, неутужени итн, меѓутоа просторот за таквиот начин на работење, просторот за таквите неизмирени обврски се повеќе го стеснуваме и затоа овој период е период на интензивна фискална конслолидација на земјата за која што треба голем напор да се направи, којашто не може да не се почувствува кај сегашните корисници на буџетот, бидејќи треба да платите стари долгови, треба да заштедите за тие стари долгови од тековните приходи. Па, имате плафонирана потрошувачка, па затоа се разбира некои буџетски корисници во овој период скокаат, критикуваат, не се задоволни, меѓутоа ние немаме друг избор освен да водиме здрава, цврста, фискална политика. Политика усогласена со реалните можности на плаќачите, на даночните обврзници, на граѓаните на Република Македонија. Политика избалансирана без голем буџетски дефицит, значи без потрошувачка на нешто што допрва треба да го создадеме или да го добиеме од некаде. Политика, која што ќе и помогне на монетарната политика за стабилизација на цените на инфлацијата во земјата, за намалување на каматните стапки, за да може кредитната способност, кредитниот потенцијал да се зголеми.

Вие го следите реализирањето на буџетот. Секојдневно го следите, дали се спроведува тоа што е таму?

Да, се спроведува. До денеска имаме приходи од некаде 45 насто од планираните и имаме некаде околу 47 насто од планираните средства што требаше да се потрошат. Имаме поклопување речиси на приходите и расходите, иако според планираното во првите шест месеци требаше да оствариме дефицит од три милијарди денари. Бидејќи, вкупниот е 4.1 милијарда. Меѓутоа, ние тоа го немаме направено во овој период, тоа не значи дека е добро. Динамиката на трошоците треба да оди така како што е планирана. Меѓутоа, факт е дека стопанството во првите шест месеци, или буџетот на Република Македонија потроши помалку, 40-45 милиони евра, отколку за истиот период минатата година.

Кога би направиле еден пресек за тоа што има министерството за финансии направено во остварувањето на клучните програмски цели, вие сте задоволни?

Не, она што е реализација на планираната буџетска потрошувачка е во согласност со тоа што го планиравме и зацртавме и од тој аспект се разбира дека лично сум задоволен. Задоволен сум што фискалната политика ја покажа врската на влијание врз монетарната политика, врз банкарскиот систем, бидејќи со ваква фискална политика НБМ на пример, ги намали каматните стапки на благајничките записи. Пред да дојдам во министерството беа 16 насто, а сега се 7 насто. Каматите на кредитите на банките исто така се намалија, но тоа е далеку од она што мене би ме задоволило и што би ги задоволило пред се корисниците на кредитите од банките, а тоа се фирмите. И јас нема да бидам задоволен се додека каматите на денарските кредити на банките не паднат под 10 насто, не станат едноцифрени.

Годинава треба да се потрошат околу 211 милиони евра главно во инвестиции во инфраструктурата. До каде е со реализацијата на овие инвестиции?

Во овој период реализацијата на овие средства, коишто по разни извори во министерството ги сумиравме за јавни инвестиции повеќе од 70 и неколку милиони се во патишта, многу малку од тоа е реализирано. Ние мораме да го забрзаме реализирањето на овие средства.

Кој ќе ја носи одговорноста доколку не се реализираат овие средства?

Па, ќе ја носат сите министри подеднакво во владата. Односно, тие што имаат проекти и средства за реализација на тие проекти.

Одговорноста е до толку поголема што овие средства колку и да се 218 милииони евра можат да претставуваат еден значаен поттик за економијата?

Па, можат. Јас дадов изјава, не е тоа сега врз основа на моделска пресметка, колку инвестирани во која точка на време колку 200 миолиони евра би влијаеле на растот на Бруто општествениот производ. Меѓутоа, сигурен сум дека навремениот пласман на овие средства ќе влијаат на најмалку 0.5 насто раст на бруто општествениот производ. Нивното пласирање ќе значи исто и завртување на тие пари, па враќање во буџетот повторно преку ДДВ, преку другите даноци итн, па влегување на средства во фирмите коишто би ги извршувале тие работи. Едноставно, тоа е важно прашање во рамките на целокупното оскудица на средсвта ова не е мала сума којашто може да се реализира преку реализацијата на проектите. Тоа месечно го следиме. Си земавме обврска ние во министерството за финансии да подготвуваме информација до владата за степенот на реализација на овие средства и ќе видиме како ќе оди во наредниот период.

Министерот за финансии по дефиниција треба да биде оптимист, затоа што се претпоставува дека во ракавот секогаш има алтернативно решение. Дали и Петар Гошев е оптимист?

Да, се разбира. Правецот во којшто дејствува владата е добар. Е сега, бара време. Ефикасноста наша, на минситри може да биде поголема. Ние мораме да работиме подобро отколку што работиме, секогаш може. Во овој период главно се движиме во правец на ветувањата, во правец на замислите како да се средуваат работите. Иако, знам дека луѓето се незадоволни, за овој период не почувствуваа подобрување на стандардот, напротив, проблеми со фирми, со плати, со невработеност, има тоа ми е јасно. Исто така знам дека се нестрпливи, уморени од чекање еднаш да биде подобро, бидејќи 12 години трае оваа транзиција, посоти транзиционен замор, меѓутоа едноставно некои трендови негативни коиштои ја туркаа земјата во бездна, не можат туку така да се пресвртат. Кризата е долго време произведувана, неодговорностите биле долго време присутни. И за забележителни резултати од коишто ќе бидат задоволни сите во оваа држава треба повеќе време.
XS
SM
MD
LG