Достапни линкови

Почнува Скопско Лето


Седумдесетина културни содржини ќе бидат изведени на годинашното издание на ова меѓународно случување: драмски, балетски и оперски претстави; концерти, изложби, промоции. Од 21 јуни па до 31 јули ќе се одржуваат во скопските театри, музеи, уметнички галерии и на други локации во градот. За сето тоа е предвидено да бидат обезбедени околу пет милиони денари. Организатор на манифестацијата е Дирекцијата за култура и уметност, покровители се Министерството за култура на РМ и Градот Скопје, а помагатели повеќе спонзори од државата. Во рамките на Скопско лето ќе биде одржано и седмото издание на традиционалниот bluese and soul фестивал, а како новина е предвидена ревијата на куси документарни филмови за Скопје што ја организираат Кинотеката на Македонија и Младинскиот културен центар.

„Она што дава посебен белег на вкупната програма е нашето вклучување во одбележувањето на два значајни датума од историјата на Македонија – стоте години од Илинденското востание и четириесетте години од катастрофалниот скопски земјотрес. Веруваме дека со програмските содржини што ги нудиме, достојно и квалитетноќе ги одбележиме овие два настана,а истовремено ќе овозможиме вистинско збогатување на културната понуда на главниот град во текот на летните месеци“

вели Никола Глигоров, првиот човек на Диреквијата за култура и уметност.

Кон ова само да дополниме и тоа дека по двегодишна апстиненција на Скопско лето ќе настапи и Драмскиот театар, а годинава претстави и концерти повторно ќе се одржуваат во заштитениот Куршумли ан во Старата скопска чаршија.
XS
SM
MD
LG