Достапни линкови

Земјите од Западен Балкан од Солун може да очекуваат поголема финансиска помош


На престојниот самит на Европската Унија во Солун, на балканските лидери ќе им биде соопштено дека можат да очекуваат само зголемување на финансиската помош, но не и временска рамка за членство во Унијата, пишува денешен Фајненшел Тајмс.

И покрај напорите на Грција, како претседавач со Европската Унија, за утврдување стратегија за прием на Балканските држави преку политички и економски реформи и исполнување на европските стандарди, тоа нема да се случи. Наместо стратегија за прием, на балканските лидери ќе им биде кажано дека мора да превземат сериозни мерки за борба против корупцијата, трговијата со луѓе и шверцот, како и да го реорганизираат судството. За возврат, ќе добијат поблиска соработка со Европската Унија. Според Фајненшел Тајмс, ваквиот став бил утврден на министерскиот состанок на Унијата во Луксембург кога било оценето дека во регионот реформите се одвиваат многу бавно, организираниот криминал мора да биде зауздан, како и да се зајакне владеењето на правото. Остриот речник покажува и каков ќе биде пристапот на Европската Унија спрема балканскиот регион. Деновите на реконструкција, како обновување на домовите, патиштата, училиштата, речиси завршија. Сега вниманието треба да биде свртено кон функционирањето на државните институции, вели еден евро-дипломат. Ваквиот пристап на Европската Унија ќе биде разочарувачки за Балканските држави – Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора, Босна и Херцеговина и особено за Хрватска, која се надеваше дека ќе успее да биде примена во Европската Унија заедно со Бугарија и Романија во 2007-та година. Единствено позитивно е што на инсистирање на Грција, министрите за надворешни работи на Европската Унија се согласија да ја зголемат финансиската помош за Балканските држави, пишува во денешниот број весникот Фајненшел Тајмс.
XS
SM
MD
LG