Достапни линкови

Меѓународниот блискоисточен мировен план на испит


Меѓународниот блискоисточен мировен план е на испит по најновиот израелски обид да го убие Абдел Азис Рантиси, политички лидер на милитантната палестинска група Хамас.

Рантиси, според очевидци, бил во возилото кога била истрелана првата ракета од израелските хеликоптери, но оти успеал да избега пред автомобилот да биде погоден со втората ракета. Од болнички извори се дознава дека Рантиси бил повреден во ногата и оти неговата состојба била стабилна. Во нападот, според истите извори биле убиени една жена и едно осумгодишно девојче, додека над триесет лица биле ранети. Арапската телевизија Ал Џезира објави изјава на Рантиси во која тој се закани дека Хамас ќе го продолжи џихадот се додека, како што вели, секој ционист не биде истеран од палестинските територии. Пеесет и пет годишниот Рантиси е еден од највлијателните членови на Хамас и е цел на израелските сили за безбедност уште од две илјадитата година. Одмазнички напади најави и лидерот на Хамас Махмуд Захар, додека основачот на оваа милитантна група Шаик Ахмед Јасин изјави:

„Ние веќе ја деклариравме нашата позиција дека нема да има дијалог и ние го стопиравме.“

И лидерот на Исламистичкиот Џихад Мохамед Ал Хинди најави продолжување на отпорот.


„Се додека има окупација, ние ќе го продолжиме нашиот отпор. Сега како палестинци, било да сме во отпорот или во владата ќе постигнеме договор да ја продолжиме борбата.“

Претставници на палестинската власт на премиерот Махмуд Абас, израелскиот напад го оценија како глупав акт. Министерот Јасер Абед Рабо го обвини Израел за обид да го уништи мировниот план кој беше покренат во минатата недела со посредство на американскиот претседател Џорџ Буш.

„Нападот во Газа има за цел да го уништи патот на мапата, како и напорите на господин Буш и неговата администрација да го започнат неговото спроведување.“

Според Рабо, сега премиерот Абас се соочува со течка задача да издејствува прифаќање на примирјето меѓу палестинците.

„Овој напад е директно против напорите на палестинската влада да започне дијалог со Хамас и со другите групи да го прифатат мировниот план.“

Експертите сметаат дека најновиот напад дополнително ќе ја влоши позицијата на премиерот Абаз кој трпи жестоки критики од палестинците оти добил многу малку од Израел за неговите заложби за крај на интифадата.
XS
SM
MD
LG