Достапни линкови

Казната има превентивно дејство ако се применува доследно


Дали казната ќе има превентивно дејство не зависи толку од нејзината висина, туку од тоа дали полицијата, јавното обвинителсто и судиите ќе ја применуваат доследно, вели професорот по казнено право од правниот факултет, Владо Камбовски во контекст на предлогот за измени на висината на казните кои се однесуваат на кривични дела за неовластена набавка и поседување на оружје. Со измените на кривичниот законик за овие дела се предвидува казна затвор од една до десет години.

„Тоа сознание дека секој треба да се соочи со законот, делува значително позастрашувачки, делува превентивно, отколку тоа дека ако еден ден се соочи со законот ќе биде казнет со таква и таква казна. Според тоа, не строгоста во казнувањето, туку такви ефекти постигнува ефикасноста во примената на законот: сите случаи да се откријат и да се најдат пред судот“.

Притоа, тој посочува оти и во постојниот Кривичен закон е предвидена казна за недозволено производство, тргување и поседување оружје, но како што вели, немало ефекти од неговото применување

„Ако полицијата треба да спроведе некоја акција за да прибере такво нелегално оружје, наидува на отпор, треба да преговара со месното население или со некои локални терористи и слично на тоа. Ако истото се повтори и во однос на ваквото законско решение, тогаш ние можеме да пропишеме и трипати повисока казна, а тоа да не дава некој конкретен резултат“.

Професорот посочува оти ова треба да се разгледува во контекст на борбата против тероризмот, организираниот криминал и други слични дела

„Ние од обичниот граѓанин не може да очекуваме некаков голем отпор – дали тој ќе го предаде доброволно оружјето и слично – туку вистинските жаришта на овој облик на криминал поврзан со оружјето се организираните криминални групи, различните терористи итн. Тоа е тоа. Не можете сега да удрите по последиците. Не можете преку одземање на оружјето да ги фатите организираните криминални групи, туку тоа треба да биде една комплементарна активност – како законодавна активност во однос на осудувањето на организираниот криминал, така и подготвеност на легалните институции на државата да делуваат на целата територија на државата и да преземаат мерки за ефикасно спречување и разбивање на таквите разно-разни криминални структури“.
XS
SM
MD
LG