Достапни линкови

Безбедносната состојба во Македонија оди во позитивна насока


Порастот на вооружените инциденти во поранешните кризни региони, малтретирањето и секојдневното плачкосување на невиното локално население од криминални банди го наметнуваат прашањето дали е можна повторна дестабилизација, односно загрозување на и така кревката безбедносна состојба во земјава. Во споредба со изминатиов приод моментално одиме во позитивна насока, смета Стево Пендаровски советник за безбедност на претседателот Борис Трајковски.

„Мислам дека се уште држат генералните квалификации дека одиме во позитивна насока. Значи, генерално кога ја гледате ситуацијата сега и пред три месеци, или сега и пред една година, е неспорно подобра. Малку загрижува овој пораст на вооружени инциденти, но јас тврдам дека се работи за изолирани поединци и групи кои меѓу себе не се поврзани со заедничка агенда, Тоа треба од една страна да не охрабри, но од друга страна да не натера да се позанимаваме со нив, иако се изолирани“.

Заканувачките тонови кои во последно време пристигнуваат од одредени поранешни команданти на ОНА и т.н АНА не се реални вели Пендаровски

„Заканите од нова војна од поединци и групи, без разлика дали се направени на сајтови, во камера или микрофон, не се реални. Во Македонија нема да има нова војна во 2003-та, не затоа што некој така сака, туку затоа што нема контекст, нема амбиент, нема политичка подлошка за такво нешто. Нема фрустрираност кај некои кругови на албанското население, и не можам да видам дека тоа толку брзо може да се промени и за месец или два да видиме широки воени дејствија од двете страни, како што беше во март или во мај-јуни, 2001-та“.

Но сепак тој посочува, доколку инцидентите прдолжат со ваков интензитет несомнено дека можат да влијаат не свекупната безбедносна ситуација во земјата

„Неспорно е дека можат. Пред два месеца имавме напад на судот во Струга, имавме напади на полициски патроли. Она што може да се забележи како тенденција во последниов месец е дека постои тенденција на зголемување на бројот на вооружените инциденти. И втората работа што за мене е значајна е двострана: прво, министерството за внатрешни работи покажува храброст и подготвеност да се соочи со овие ситуации и треба да се охрабрат луѓето кои тоа го работат, бидејќи тоа е мошне тешка задача. Некои последни акции говорат дека МВР ќе ги стави работите под контрола“.
XS
SM
MD
LG