Достапни линкови

Трајко Славевски, професор на економскиот факултет. За привлекување странски инвестиции пресудна безбедносната состојба


Македонија е сиромашна земја и ја чувствува потребата од странски инвестиции. Како да се создаде амбиент за влез на странскиот капитал во Македонија?

„Секако дека ние користиме дополнителна акумулација. Значителен дел од нашите инвестиции се со дополнителна акумулација од странство. Од друга страна, сопствената којашто се формира во форма на штедење – пред се тука мислам на девизното штедење – тука за жал не се искористува. Во моментов барем три четвртини од нашата акумулација е во странство. Значи, економски гледано, ние сме инвестирале во странство. А прашањето на привлекувањето на странските инвестиции е покомплексно. Мислам дека кај нас секако дека е пресудна општата безбедносна состојба која што беше нарушена во последниве неколку години. Покрај тоа, мислам дека досега се направени доста напори од сите влади досега, колку што можеле во менување на законската регулатива секако во согласност со некои меѓународни стандарди во однос на бенифициите коишто се даваат на странскиот капитал. Сето тоа го имаме“.

Меѓу референците за влез на странскиот капитал е и аранжманот со ММФ?

„Секако. Добро е што склучивме аранжман со ММФ. Можат да се најдат и забелешки, секако дека може да се каже дека некои работи можеле поинаку да се постават. Но, во право сте кога констатирате дека без аранжманот со ММФ, всушност, имиџот на земјата во финансискиот свет е сосема поинаков“.

Дали и членството во Светската трговска организација може да се смета за референца на овој план?

„Прво, не треба да има дилема дека ние како држава бевме хендикепирани што релативно доцна влеговме во членство на СТО. Сега, мораме да се соочиме и со некои негативни ефекти. Тие се огледаат во тоа дека на краток рок нашите претпријатија немаат кондиција да ги искористат поволностите од тоа членство за еден поагресивен настап на странските пазари, посебно на европските пазари, на коишто членството во СТО обезбедува дополнителни бенефиции од аспект на пристапот. Но, внимавајте, јас сум убеден како професионален економист дека користите за македонската економија ќе бидат далеку поголеми одошто штетите што ќе ги претрпат одделни сектори. Но, тие сектори ќе треба на некој начин да се прилагодат“.
XS
SM
MD
LG