Достапни линкови

Македонија е најдобар пример на успехот на здружената работа на различни меѓународни фактори


Македонија е најдобар пример на успехот на здружената работа на различни меѓународни фактори, вели директорот на Одделението на Стејт департментот за Средна и Југоисточна Европа Пол Џонс. Во ексклузивното интервју за Радио Слободна Европа тој се осврнува врз транзиционите процеси на Балканот.

Пол Џонс оценува дека во изминативе десет години, а особено во последниве две, Балканот забележал значаен напредок на реформскиот пат. Овие реформски достигнувања се многу видливи во сферата на економијата, политиката, одбраната и безбедноста, вели Џонс, додавајќи дека најголемите проблеми на патот до евроатлантските институции се организираниот и политичкиот криминал. ,,Тие се меѓусебно испреплетени и таа област и натаму ќе биде цел на нашите активности. На прашањето дали Европската Унија ќе успее да ја одигра преземената улога на спонзор на мировното решение во Македонија Џонс вели:

„Македонија, според мое мислење, е најдобар пример за успехот на здружената работа на различни меѓународни фактори – држави, меѓународни организации. Во таа земја воспоставивме јасна координација како во соработката, така и во поделбата на одговорностите – кој има примарна одговорност и во каква област. Мислам дека тоа е многу успешен пристап и дека е евидентен не само во Македонија туку и во регионот во целост – Во Босна, Србија и Црна Гора, Косово. Логично е перспективата на придружување кон Европската Унија, присутна во регионот, води кон тоа Унијата да има нагласена иницијатива во целиот тој процес. Ние тоа го поддржуваме бидејќи е во интерес на сите што во никаков случај не значи дека Соединетите Држави ќе го смалат својот ангажман и ќе се повлечат. Веруваме дека НАТО и натаму треба да има значајна улога – било да станува збор за присуството на трупи во регионот или за следење и поттикнување на реформите на оружените сили на земјите кои ќе станат негови членки.“

Вели Пол Џонс. Говорејќи за американскиот став околу прашањето за конечниот статус на Косово наведува дека вашингтон има јасен став околу ова прашање:

„Ставот на администрацијата е јасен и консеквентен а тоа е дека е премногу рано за отворање на прашањето на неговиот конечен статус. Михаел Штајнер во април минатата година постави осум стандарди кои мора да бидат исполнети пред започнувањето на дебатата за статусот. Ми целосно ги поддржуваме неговите напори во тој правец. Уште повеќе, работиме на натамошната конкретизација на тие стандарди со цел побрзо да бидат остварени. Нашиот став е дека со отворање на дискусија за статусното прашање на Косово, пред постигнувањето на тие стандарди, би била фактор на дестабилизација и оти не би било во интерес на граѓаните на Косово и на поширокиот регион.“

Пол Џонс додава дека е логично да се очекува оти извесни екстремни елементи и натаму ќе настојуваат да манипулираат со предизвиците на Балканот и оти ќе инсистираат на промена на сегашните, меѓународно признати граници. Тоа не не загрижува затоа што сметаме дека сите земји во регионот и огромното мнозинство нивни граѓани ги поддржуваат постојните граници. Затоа и натаму ќе настојуваме да спречуваме одреден тек на околности во еден дел не доведе до последици во другиот дел на Балканот, вели Директорот на Одделението на Стејт департментот за Средна и Југоисточна Европа Пол Џонс во интервјуто за Радио Слободна Европа.
XS
SM
MD
LG