Достапни линкови

Најавени пофреквентни средби меѓу партиите


Воспоставување добра и континуирана соработка меѓу владата и опозицијата во иднина за прашањата кои се од национален и безбедносен интерес за државата е прашањето за кое претседателот на Владата Бранко Црвенковски и новоизбраниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски договорија начелна согласност на нивната прва двочасовна средба во владата.

„Се договоривме низ серија средби на претставници на двете политички партии да се обидеме да ги дефинираме стратешките национални и државни интереси со цел да се постигне широк политички консензус, не само политички туку и меѓуетнички и социјален консензус. Со други зборови, највиталните државни национални и државни интереси да станат константа и приоритет на политичките партии кои ќе се почитуваат без разлика во кој период кои партии се на власт, а кои во опозиција“

изјави премиерот Бранко Црвенковски кој најави дека во иднина ќе следуваат пофреквентни средби помеѓу партиите. Тој потенцираше дека власта во иднина ќе ја информира опозицијата за случувањата што се од стратешки интерес со цел, како што рече, опозицијата да може да ја носи одговорноста во својот конструктивен придонес. Подготвеноста за таква соработка меѓу власта и опозицијата ја потврди и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски:

„Разговаравме за тоа во иднина да имаме добра соработка. Кога се работи за клучните национални интереси на Република Македонија да не се почувствуваат никакви поделби и никакви различни ставови коишто би можеле да и наштетат на иднината на Македонија по клучните прашања“.

На средбата, како што информираа Црвенковски и Груевски, станало збор и за доследно и брзо имплементирање на рамковниот договор и за соработка во однос на економските прашања кои се оценети како стратешки за развојот на државата.
XS
SM
MD
LG