Достапни линкови

Деминирањето го преземаат македонски тимови


Македонските тимови од денеска ја преземаат обврската за расчистување на мините од нашата земја со што заврши 18 месечната програма на ЕУ за деминирање на Македонија:

„Договорот беше таков, до тука завршува, сега ние продолжуваме понатаму успешно да го дозавршиме,“

вели Зорица Кочевска раководител на секторот за цивилна одбрана и кризен менаџмент во министерството за одбрана, која додава дека

„Се подготвени националните тимови, обучени се за деминирање и до крајот на годината треба да завршат. Имаа приоритети, подрачјата каде што има обработливи површини, потоа ќе одат во граничниот и планинскиот појас, во кумановскиот, во скопскиот, делот што гравитира спрема северната граница, и во западниот дел, околу Шапка и тетовскиот регион.“

Со вложени 2.7 милони евра во обуката на петте национални тима и опремата за нивното работење, Хајди Модро портпаролката на европаската агенција за реконструкција изјави:

„Време е да се изврши транзиција, бидејќи е испорачана основната опрема, спроведен е тренингот и сега националните тимови се оспособени за преземање на активностите и за да ги продолжат.“

Со исто мислење е и шефот на канцеларијата на ОН за сузбивање на мини во Скопје Сенди Пауел кој вели:

„Програмата за тренинг и опремата која е обезбедена за владата се многу добро вклопени и профатени и мислам дека владата е сега во позиција за да продолжи со активностите за расчистување под раководство на канцеларијата за цивилна заштита. Задоволни сме со работата која е до сега завршена како од националните така и од меѓународните организации. Сите работеа според меѓународните стандарди и во нидна област што ја чистевме немавме инциденти.“

Според Пауел, иако финансиската поддршка од ЕУ завршува канцеларијата на ОН до средината на летото ќе им ја даде својата поддршка на тимовите, а за тоа што потоа тој вели:

„Тие на подолг период би можеле да имаат уште малку технички совети, но во спроведувањата на правилата и техниките на деминирањето не би требало да има проблеми.“

Со оглед на фактот што деминирањето како ставка во буџетот на државава се планира да биде воведена од идната година, на тоа како ќе се финансираат македонските тимови до крајот на годинава, до кога треба да ги исчистат лоцираните 26 места во кризните региони од вкупно 169 Кочевска вели:

„До крајот на јуни, евентуално јули продолжуваат активностите што се покриени со средствата обезбедени од ЕУ и од ОН. А, разработката на останатите програми за деминирање, тоа во проектот е предвидено да се побараат пари од владата, од донации, од меѓународни фондови, меѓутоа дефинитвен одговор немаме.“
XS
SM
MD
LG