Достапни линкови

За приближувањето на Македонија кон ЕУ клучни институциите


Во процесот на приближување на Македонија кон Европската унија клучни се институциите кои треба да ги имплементираат европските стандарди, а не само прилагодувањето на правните акти, смета професор Добринка Тасковска од Прваниот факултет.

„Не е доволно само да има регулатива, туку треба да има институции на системот што соодветно ќе ја разберат, ќе ја протолкуваат и ќе ја применат. Европската Унија во условите за прием изрично има кажано дека не е во прашање само хармонизација на законодавството, туку соодветни имплементирачки административни и судски структури. Покрај јавната администрација, каде што барем се зборува и се прави нешто на планот на реформата, вториот клучен сегмент, македонското судство со сите позитивни страни што ги има, сепак е далеку по сите критериуми од европското судство – по квалификација, организација, независност, ефикасност и слично“.

Во оваа насока, а и генерално на патот на нашата земја кон унијата од голема помош се европските експери, конкретно и твининг системот, вели Тасковска објаснувајки што подразбира овој систем

„Се работи за систем во којшто експерти, ама навистина само експерти а не политички комесари од Европската Унија, доаѓаат во земјите претенденти на европско членство, во одредени институции и ја ставаат на располагање својата експертиза. Некои земји, како на пример Хрватска, го имаат користено тој механизам“.

Според неа овој систем во голема мера може да и помогне на Македонија и да го забрза процесот на реформи, бидејки станува збор за експерти кои остануваат подолго време во земјава, а не работат на поединечни проекти како што беше тоа досега

„Би можел да биде поефикасен, кога се институционализира. Се работи за експерти кои што претстојуваат подолг временски период, кои што се запознаваат со проблемите, постојано ја пренесуваат својата експертиза и кои што влегуваат внатре во институциите, се разбира, со сосема утврдени ингеренции – советодавни, а не одлучувачки ингеренции. Разликата со другите начини на помош од Европската Унија и од другите организации е во тоа што ова е сепак еден потраен облик на соработка и тука можеби може да се бараат и предностите на овој систем. Но, ќе кажам деполитизирани и мудро употребени – не во смисла не ни е добра владата, туку во смисла дека тоа е еден нормален механизам што се користи насекаде и си има пред се стручни компоненти“.
XS
SM
MD
LG