Достапни линкови

„Лисици“ за непрописно паркираните возила


Градските власти проблемот со непрописно паркираните возила ќе го решаваат со специјални средства за блокирање на тркалата. Тие информираат дека оваа одлука ќе се спроведува од наредниот месец.

„Блокирањето на тркалата значи да се стави крај на несовесните возачи. Тоа значи дека доколку се најдат на местото на паркирањето до 60 минути истото може да го платат на лице место. Доколку не, настапува пајак службата, возилото се носи во депото, и таму се наплаќаат и парите за средствата за блокирање и за услугата на пајак службата,“

изјави Мице Славковски од градскиот комитет за сообраќај. Граѓаните пак, се револтирани и сметаат дека со оваа мерка нема да се постигнат резултати. Тие се жалат дека во градот нема доволно паркинзи, а и за постоечките цените се високи:

„Таа мерка или планирана одлука на градско собрание не е добра, нема да биде ефикасна, од проста причина што ние цело време се занимаваме со последиците, а не со причините. Причината за луѓето да ги оставаат своите автомобили е на недозволени места за паркирање е што нема каде да ги остават или затоа што цената за паркирањето е неверојатно висока. Замислете 50 денари. Јас одам на работа, 25 дена во месецот по 50 денари, замислете колку е тоа, дали мене ми се исплати да ја оставам колата на паркинг. Од друга страна пак, и тие паркинзи што се суште слободни, а што слушам дека наскоро ќе ги приватизираат, односно и таму ќе почне да се наплаќа и таму е тешко да се најде место, па кружам секој ден по 15 минути. До каде е таа идеја со катни гаражи, со некои површини каде што ќе се оставаат возилата. Кога ќе се среди тоа, тогаш нема проблем нека казнуваат.“

„Па не мислам дека е добра мерка, затоа што со камшик мислам дека не се решава се.“


Славковски посочува дека градот планира изградба на три нови паркинзи во центарот на градот, а во контекст на вискоите цени за паркирање на возилата тој вели:

„Планираме сега тие цени навистина да бидат прифатливи за нашиот стандард, за граѓаните. Со тоа што сега градот планира да го преземе моделот за паркирање што е во градот Загреб. Тоа значи да биде поделен на зони. Секаде е привилегија во поголемите градови да се живее во централното градско подрачје, истото тоа навистина и се плаќа.“
XS
SM
MD
LG