Достапни линкови

Првите киловатчасови електрична енергија во септември догодина


ЕСМ започна со полнење на акумулационото езеро на ХЕЦ Козјак. Се работи за повеќенаменски проект чија изградба стартирана е уште пред точно девет години, а чие финиширање доцни повеќе години поради објективни и субјективни причини.

„Самиот Козјак има една од највисоките брани во Европа. Акумулацијата ќе акумулира околу 550 милиони кубни метри вода што комплетно ќе ја промени климата во скопскиот регион, а воедно ќе овозможи услови за развој на туризмот, ловот, риболовот и секако зголемено производство на храна во досега сушното скопско подрачје,“

вели порпаролот на ЕСМ Сашо Новевски.

Првите киловатчасови електрична енергија од ХЕЦ Козјак се очекува да се добијат во септември 2004 година. На годишно ниво е предвидено производство од 160 милиони киловат часови електрична енергија.

„Останува за реализацијата на Козјак монтажата на електромашинската опрема на идната хидроелектрана, на машинската зграда на хидроелектраната која исто така е во фаза на градба,“

вели Новевски.

Со пресметаните камати на одобрените кредити, инвестицијата Козјак ќе чини 180 милиони американски долари. Од ЕСМ велат, се работи за објект што ќе биде рентабилен, затоа што на име производство на електрична енергија годишно ќе се инкасираат 10 милиони американски долари. Исплатата на проектот се планира да се реализира во наредните 10 години.

„Дел од опремата за генераторот веќе пристигна, остатокот треба да допатува од кинески партнери кои во моментот работат на реализација на дел од оваа опрема и конечното пуштање на двата агрегати се планира во септември идната година,“

потенцира Новевски.

Пуштањето во работа на ХЕЦ Козјак ќе значи пред се заштита на градот Скопје од евентуални поплави. Добивање на вода за пиење и техничка вода за индустриските капацитети, па дури потоа доаѓа производството на електрична енергија.
XS
SM
MD
LG