Достапни линкови

Хари Костов, министер за внатрешни работи. Во некои региони постојат групи кои имаат и терористички, и криминални активности


Кога може јавноста да очекува информации во врска со киднапираните лица за време на конфликтот во 2001-та?

Јас не можам да се обврзам и да кажам дека на тој и тој датум МВР ќе има најпрецизни и најточни информации за сите 18 лица исчезнати во конфликтот и дека ќе ја знае судбината на тие лица. Во многу земји има случаи каде што за определени такви настани не се наоѓа дефинитивната вистина. Она што јас можам да го кажам во име на Министерството е дека ќе имаме мошне активен пристап во разоткривањето на сите 18 случаи.

Претставниците на меѓународната заедница велат дека откривањето на судбината на исчезнатите е клучно за враќање на довербата. Што велите за ова?

Па, важно е, меѓутоа, за мене е најважно пред се сите нивни роднини и семејства да ја дознаат судбината. Напоменувам дека нашата ориентација е да излеземе со целосни сознанија и за исчезнатите Македонци, и за исчезнатите Албанци, токму од аспект на придонесот за враќање на довербата помеѓу албанскиот и македонскиот народ.

Сведоци сме на инциденти. Дали МВР има целосна контрола на теренот?

Инциденти има. Ние не можеме да кажеме дека заврши 2001-та година и дека Македонија стана најправната држава во светот. Се уште во определени региони постојат групи кои имаат и терористички, и криминални активности. За нас терористичка организација постои дури и ако само двајца се пријават дека се терористичка организација. Така од наша страна беше третиран и актот во Струга. Состојбата е таква: имате лицва кои се занимаваат со терористички активности, кои се мали, а идеолошки веројатно сметаат на некаква идеја околу голема Албанија. Меѓутоа, тоа не само што нема поддршка тука, туку нема поддршка ниту од Република Албанија, ниту од страна на која и да е меѓународна институција. И второ, имате криминални групи кои се претставуваат како некои организации (АНА и сл.) меѓутоа, основниот мотив на тие групи е само криминалот“.

Се очекува МВР да ја преземе граничната контрола. Во колкава мера тоа ќе придонесе за спречување на организираниот криминал?

Преземањето на граничното обезбедување е еден процес што се планира да трае до 2005 година. Планот е годинава МВР постепено да почне да го прави тоа, кон крајот на годината со преземањето на јужната граница, потоа источната, па понатаму спрема Албанија и спрема Косово. Самото преземање не значи дека одеднаш ќе го знема и организираниот криминал и порозноста на границите, туку за тоа ќе треба доста обука, доста техничка опрема итн.

На адреса на Министерството има обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ дека врши реваншизам при доставувањето на кривичните пријави за злоупотреба на службената должност?

МВР не поднесува никакви кривични пријави против лица затоа што се припадници на определени политички партии. Меѓутоа, кај некои партии и лица очигледна е постојаната замена на тезите дека се поднесуваат кривични пријави против лица од ВМРО-ДПМНЕ. Таа замена на тези се гледа од повеќе елементи. На пример, сега одеднаш не е битно што раководството на Фондот за здравство, раководството на Електростопанство, раководството на Министерството за економија вршеле злоупотреби и кривични дела, туку одеднаш е битно дека тие биле членови на ВМРО-ДПМНЕ. Еве го, за пример, последниот случај со поднесувањето пријава против раководството на царинската управа. Јас очекувам дека деновиве некои партии пак ќе излезат со соопштенија дека продолжува партискиот реваншизам. Можеби целокупната постапка околу добивањето докази за кривичните дела во царинската управа траеше подолго, токму поради тоа што по наше барање таму и државниот ревизор изврши ревизија на целокупното работење на царинската управа во периодот од 2000 до 2002 година. И јасно се гледа дека вон законската регулатива поранешниот директор на царината донел сопствена одлука со којашто сите царински приходи наместо истиот ден да се префрлуваат во Министерството за финансии, останувале во царината и таа ги трошела нив за спонзорства и набавки што не се во согласност со законот за буџет. Јас имам конкретен предлог. Царинската управа беше во состав на Министерството за финансии. На министерот за финансии во тоа време Никола Груевски ние ќе му ги доставиме целокупните материјали и самиот тој нека оцени, врз основа на доказните материјали, дали таму имало злоупотреби и кривични дела и врз основа на таков материјал каже во јавноста дали е тоа кривично дело или реваншизам спрема некоја политичка партија или лице.
XS
SM
MD
LG