Достапни линкови

Улични продавачи


„Маици 50 денари, маици, чорапи,“

Ова е вообичаениот начин на кој дивите продавачи на импровизирани тезги ги рекламираат своите производи. Секој ден, во непосредна близина на скопските пазари, на картонски кутии за ефтини цени се нуди и продава стока од најразличен асортиман. Облека увезена од Турција, млечни производи, средства за уништување на глодари, пијалаци. Сето ова на купче може да се најде на едно место, но под услов да не се појави полицијата. Секој ден е вака, вели една жена која на диво продава десетина години, откако компанијата во која работела отишла под стечај.

„Од мака одам тука, по парче леб. Од сабајле сум дојдена од седум часот. И јас сакам да се избањам, да легнам и да седам со моите деца. Доаѓам за моите деца, и секој за своите. Да имам парче леб, нема проблем.“

Нејзината приказна за пронаоѓање на професијата што официјално се става под графата сива економија може да се слушне во разговорот со речиси секој од продавачите на дивите тезги. Друг пак, вели, не разбирам зошто јас со својата работа сум цел на полицијата кога на крадам, а државата не ми нуди поинаква можност за работа. Во таа насока размилсуваат и луѓето кои купуваат од овие продавачи.

„Задоволството е обострано. Луѓето се без работа, да спечалат нешто, а и мене ми одговара со цена нормално.“

„Па поефтино ги даваат, немаме пари, една пензија.“


Во пазарната инспекција која е надлежна да ја санкционира појавата на продажбата на диво велат:

„Се што е надвор од со закон предвидените места за продажба, за нас е продажба на диво. Но, колку сме ние организирани, мобилни и тие се исто така организирани, мобилни, па се кријат и се појавуваат на други места,“

директорот на пазаришната инспекција, Владе Богдановски потсетува оти купувањето од продавачите на диво честопати претставува ризик за потрошувачите.

„Што велиме сиромашкиот секогаш плаќа два пати. Купуваат поефтина стока и честопати таа стока не е квалитетна, не е соодветна, па ризикот на потрошувачите е огромен.“
XS
SM
MD
LG