Достапни линкови

Ибрахим Мехмети, директор на невладината организација „Потрага по заедничка основа“. Недостасува позитивен дух и заедничка визија за иднината


Господине Мехмети, сведоци сме на голем број проекти и ангажмани на државниот, меѓународниот и невладиниот сектор во насока на подобрување на меѓунационалната доверба. Истовремено ни се случуваат меѓуетнички инциденти, што говори дека работите или не се подобруваат или тоа се случува премногу бавно. Што мислите вие, зошто е тоа така?

Според мене се работи за тоа што на се што се прави, му недостасува нешто. А тоа е позитивен дух и заедничка визија за иднината на земјата, визија којашто ќе биде прифатена од сите и кон којашто ќе тежнеат сите.

Како го коментирате инсистирањето дека само доследното спроведување на секоја точка и запирка од Охридскиот договор е вистинското решение за меѓуетничките проблеми?

Мислам дека токму тоа е една од најголемите грешки на луѓето коишто се залагаат за спроведување на Охридскиот договор. Кога се работи за меѓучовечки односи, нема договор што може да го направат четворица или четириесет луѓе, којшто може да ги среди односите на 400.000, а не на 2 милиони луѓе. Иако Македонија е мала земја, ние знаеме каков е менталитетот на луѓето и треба да се биде многу внимателен. Понекогаш, еден погрешен збор може да направи многу поголема штета од погрешен закон, да речеме. Недостасува една суштинска акција којашто не е само спроведување на закони и спроведување на мерки, којашто ќе иницира нешто ново, којашто ќе им даде на луѓето нов поттик за да ситгнат до целта заедно. Додека не е така, не можеме да очекуваме дека проблемите ќе исчезнат самите. Политичарите ги гледаат работите само од оној појас кадешто тиер се движат. Кога би знаеле како тие се одразуваат нивните изјави и однесување надвор од тој круг и таа шема, тогаш и тие би се замислиле како да се однесуваат во иднина.

Мислите дека само политичарите се должни и повикани на одговорност?

Сите ние сме должни. И јас се чувствувам должен да го направам тоа. Мислам, секој граѓанин е и овластен и должен да се грижи за иднината и состојбата во земјата. Но сепак, луѓето коишто се овластени да ги спроведат тие договори и мерки, сепак би требало да се малку поагилни во тој поглед и да се малку повнимателни. Јас мислам дека не се доволно внимателни во тоа што го прават. Граѓаните направија максимално во минатиот конфликт, тие не учествуваа во конфликтот и тоа беше најмногу што можеа тие да направат, но сега активните чинители во општеството треба да направат да се оди во позитивен правец. Не треба само да се чека кон каде ќе одат работите. Кај нас е проблем што се уште не постои јасна визија за тоа каде сакаме да одиме.
XS
SM
MD
LG