Достапни линкови

Одлуката за проширување на НАТО ќе придонесе за исчезнување на балканскиот комплекс


Сите држави на Балканот над еден век страдаа од уверувањето дека другиот дел на Европа повеќе го гледа нивниот регион како болест која треба да биде ставена под карантин отколку како подрачје вклучено во европските институции. Конфликтите во изминатата деценија во поранешна Југославија само го зацврстија овој Балкански комплекс. Но, како што се вели во анализата на Економист Интелиџенс, одлуката во Прага за проширување на НАТО ќе придонесе за исчезнување на комплексот. За прв пат земјите во Југоисточна Европа беа поканети да станат полноправни членки на една од најважните западни институции. Ова, секако нема брзо да води кон поголема внатребалканска соработка, пред се поради тоа што сите земји во регионот страдаат од слични економски проблеми: големи земјоделски сектори, остарени индустриски капацитети, вишок на работна сила и ургентно барање за странски инвестиции. Според Економист Интелиџенс, иако Балканската соработка може да биде подобрена со олеснување на граничните процедури, со подобрување на сообраќајната инфраструктура и во борбата против организираниот криминал се досега таа беше прифаќана со страхување дека е замена за западната интеграција. Присуството на НАТО на Балканот, но не како дел од мировни мисии, туку во форма на земји членки, ќе значи продлабочување на односите меѓу земјите во регионот. Натамошна позитивна придобивка од членството во Алијансата ќе биде исчезнувањето на старите територијални недоразбирања. Скриената и неформална, но распостранета омраза поради старите историски неправди нема да изветрее преку ноќ. Меѓутоа, членството во НАТО ќе го подигне прагот на прифатливост на таквите барања, смета Економист Интелиџенс, додавајќи дека тоа стана јасно со Романија во која сега веќе не се спомнува романтичниот поглед за нејзино обединување со соседната Молдавија. Сличен ефект е забележан и во Бугарија каде што соништата за историските врски со Македонија исто така исчезнуваат, заклучува во својата анализа Економист Интелиџенс.
XS
SM
MD
LG