Достапни линкови

logo-print

Според едни Ал Каида се враќа посилна од кога и да е, според други таа е растурена, но ефикасна


Терористичките напади што се случија во изминативе неколку дена покажуваат дека Ал Каида се врати посилна од кога и да е досега, пишува британскиот весник Гардијан, додавајќи дека организацијата има ново ниво на планирање и на регрутација на извршители на нападите. Но, за американскиот Стратфор овие напади потврдуваат дека Ал Каида е растурена и оти со полусамостојни акции изведени од локални ќелии сака да демонстрира дека се уште е ефикасна.

Безбедносните и разузнавачките агенции веруваат дека Ал Каида успела да ја реорганизира својата мрежа и да стане помоќна, особено поради ширењето на своите сили. Во изминатата недела, како што пишува Гардијан, за прв пат по нападите на единаесети септември, организацијата на Осама Бин Ладен употреби десетици самоубијци против цивилни цели – во ресторани и во населени квартови. Дури и нападите на Бали, во кој загинаа двесте луѓе, беа изведени од еден или можеби од двајца бомбаши самоубијци. Најновите терористички акти во Мароко и Саудиска Арабија координирано ги извршија дваесет и три лица. И додека администрацијата на Џорџ Буш и британските министри и натаму трубат за колапсот на базата на Ал Каида во Авганистан и за апсењето на неколкумина лидери на таа организација, разузнавачките служби се многу поскептични. Мерките преземени од некои земји, особено во западна Европа, значат дека Ал Каида формира групи, но и инспирира индивудалци да не напаѓаат престижни цели како што се американските воени бази и згради на западните влади. Сегашната тактика, според Гардијан, се напади врз лесни цели. Бали, Казабланка и Ријад се сликовити примери на таа тактика. Џонатан Стивенсон од Меѓународниот Институт за Стратегиски Студии нападите во Ријад ги опиша како прв знак дека промената на режимот во Ирак само краткорочно предизвика забавување на терористите, но придонесе и за инспирирање на локалните терористички ќелии. Американскиот Стратфор во својата анализа пак, наведува дека оваа нова тактика на Ал Каида нема да трае долго време и оти сугерира дека оваа мрежа се уште не може да го обнови највисокото раководство. Тоа се објаснува со изборот на таканеречни меки цели за кои треба едноставни планирања и мала логистика. Тоа, од друга страна, значи дека можат да се очекуваат уште такви напади, особено во југоисточна Азија, Блискиот Исток, но и во Латинска Америка и Европа. Но, ваквата кампања, поради ограничените ресурси на Ал Каида, многу бргу ќе пропадне, заклучува Стратфор.
XS
SM
MD
LG