Достапни линкови

Владо Бучковски, министер за одбрана. Безбедносната состојба во Македонија значително подобрена


Господине министре, раководите со одбраната која, покрај полицијата, е најповикана за безбедноста и стабилизацијата на земјата. Па, како го оценувате тој процес?

Трендот на безбедносна стабилизација продолжува, но евидентно е дека и последните настани што се случија во Селце и Вејце, она што се случуваше во Арачиново пред три недели, или она што пред пет-шест недели ни се случи во Танушевци, говори дека во поранешните кризни региони состојбата е се уште чувствителна и дека фазата во која се наоѓаме – а тоа е градењето на меѓусебната доверба и враќањето на довербата кон институциите на државата – е процес кој ќе се одвива подолготрајно, ќе бара трпеливост но не и поминување на црвената линија кога се користат само политички средства за разубедување, бидејќи запаѓаме во една друга замка – да не може да реализираме дел од основните функции кои ги имаат полицијата и армијата. Во секој случај, ценам дека компарирано со она што ни се случуваше пред 6, 12 а да не говорам за пред 24 месеци, имаме видлив напредок во безбедносната стабилизација.

Идната недела Македонија ќе биде домаќин конференцијата за безбедност на границите во регионот, на која ќе се промовира принципот на регионална соработка во зголемувањето на безнедноста на границите. Тој принцип на некој начин веќе функционира меѓу Македонија, Албанија и УНМИК на Косово. Со кои и со какви проблеми се соочуваме на нашите граници?

Се покажа дека во зависност од границата имаме најразлични проблеми. Реално, ние имаме проблеми со сите четири граници. Со границата со Бугарија имаме проблем со нелегалната трговија и трговијата со бело робје; поради тоа што Грција е членка на Европската унија, имаме проблем со илегалното минување на дел од граѓаните кои ја користат македонската територија за илегално влегување во Европската унија; а границата што ја имаме со Србија на потегот кон Косово и границата со Албанија најчесто се користи за нелегално минување на поединци кои пред се имаат економски мотиви, но во бројни случаеви во изминатите неколку години беше евидентно дека се вршеше и шверц на оружје и дека дел од оружјето што во овој момент го поседуваат граѓаните на Македонија доаѓаше од таа граница.

Во таа смисла, со оглед на подготовките на законот за разоружување и едновремено и со проценките за илјадници парчиња илегално оружје во Македонија, што мислите, за да биде успешна акцијата – колку оружје би требало да се собере?

Јас сум умерен оптимист и не верувам дека постои влада или држава во регионот која во овој момент може да спроведе операција која ќе биде стопроцентно успешна. Јас не би се залетувал со прогнози за тоа колку оружје ќе се собере. Многу е битно да се почне и по фазата во која се предвидува доброволно предавање на оружјето, да има координирани акции на полицијата и на сите други институции во нашата држава во која сите оние кои и понатаму илегално ќе поседуваат оружје, ќе треба да ја добијат заслужената казна.
XS
SM
MD
LG