Достапни линкови

logo-print

Вујановиќ избран за претседател


По двата пропаднати обида во изминативе шест месеци, Црна Гора конечно во неделата избра претседател. Филип Вујановиќ, кандидат на владејачката коалиција и актуелен претседател на парламентот, стана првиот црногорски претседател откако Србија и Црна Гора се согласија три години да коегзистираат во лабава зеадница која ја замени Југославија.

За многумина победата на Филип Вујановиќ беше однапред извојувана. Вујановиќ кој беше номиниран од Демократската Партија на социјалистите на премиерот Мило Ѓукановиќ победуваше и во претходните два обида, во декември лани и во февруари годинава. Но, тие избори беа неважечки поради малиот одѕив на гласачите што пак беше последица oд бојкотот на опозициониот про-српски блок. За да спречи уште едно пропаѓање на претседателската трка, црногорскиот парламент ја укина одредбата дека се потребни над пеесет насто од регистрираните гласачи да излезат на изборите. Под притисок на Запад премиерот Ѓукановиќ ги одложи плановите за што е можно поскорашна независност на Црна Гора. Светозар Јовиќевиќ е универзитетски професор и член на невладината Група за промени. Тој не очекува овие претседателски избори да придонесат за забрзување на процесот за независност:

„Мислам дека тоа нема да зависи од господин Вујановиќ. Тоа ќе зависи од низа други услови. Јас никогаш не сум очекувал дека со еден таков чин да се реши државотворното прашање.“

Јовиќевиќ додава дека иако функцијата на претеседателот е повеќе репрезентативна тој би требало да биде интегрирачки фактор.

„Не очекувам, за жал, дека господин Вујановиќ може да игра улога на таков претседател кој со својата иницијативност и авторитет ќе им се наметне и на владата и на опозицијата за брзо решавање на некои работи.“

Со победата на Вујановиќ, партијата на премиерот Ѓукановиќ ја консолидира нејзината доминантна позиција на политичката сцена. Сепак, аналитичарите велат дека на владата и е потребен опозиционен притисок особено во спроведувањето на реформите и во борбата против криминалот и корупцијата.

„Сега е многу важно владата да ги изнесе суштинските реформи. Но во тоа опозицијата ќе има важна улога. Се надевам дека дека таа тоа и ќе го стори.“

Наведува Питер Палмер од бриселската Меѓунардона кризна група.
XS
SM
MD
LG