Достапни линкови

Удвојување на миграцијата низ светот


Во светот бројот на мигрантите од 1975 година досега е скоро удвоен. Според Одделот на Обединетите Нации за популација, сега еден од десет граѓани во развиените земји е мигрант. Тоа покажува дека во моментов миграцијата е едно од најзначајните прашања.

Одделот на Обединетите Нации за популација, во првата студија за меѓународната миграција,
соопшти дека околу сто седумдесет и пет милиони луѓе, скоро три проценти од светското население, сега живеат во земји во кои не се родени. Директорот на одделот Џозеф Чеми, во интервју за Радио Слободна Европа, вели дека овој феномен станува се поголем:

„И ова е едно од важните прашања на дваесет и првиот век. Во минатиот имавме многу брз пораст на населението. Сега стапката на тој пораст е намалена за половина.“

Според Чеми, движењето на луѓето кон развиените земји се должи на нивното очекување во тамошните можности за подобар живот. Миграцијата, смета тој, едноставно е во човечкиот карактер.

„Карактеристиката на човештвото е да се движи. Се бараат можности. Се бараат зелени површини и потопли предели. Тоа ќе продолжи и низ дваесет и првиот век.“

Во извештајот на Обединетите Нации се наведува дека и глобализацијата придонесува за зголемување на миграцијата во светот. Минаа деновите кога еден африкански селанец кој имал две кози се чувствувал богат, бидејќи неговиот сосед имал една или ниедна коза, вели Чеми:

„И имате сега многу луѓе кои, гледајќи како се живее во развиениот свет, преку филмови, на телевизија, се решаваат да ги напуштат своите родни огништа. Во исто време, имате луѓе кои страдаат од природни катастрофи, земјоделски проблеми и граѓански конфликти во нивните земји.“

Обединетите нации наведуваат дека парите што странските работници ги испраќаат дома во сиромашните земји стануваат значајна сила за светската економија. На пример во две илјадитата година овие парични пратки беа за десет проценти поголеми од бруто домашните производи на Албанија и на Босна.
XS
SM
MD
LG