Достапни линкови

Иднината на Македонија е во мирот, а не во војна


Промовирањето на концептот на менување на граници и етничко чистење, за подигање етнички ѕидови за разграничување значи директен повик на етничка војна и поделба на државата:

„Иднината на Македонија е во мирот, а не во војната,“

изјави премиерот Бранко Црвенковски, по повод како што рече јавно промовираните стравични сценарија од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски и поддршката за нив од страна на челните луѓе на ДПА. Истовременото прогласување на Охридскиот договор за неуспешен концепт од страна на Георгиевски и Џафери:

„Е нивен последен заеднички обид денес како деструктивна опозиција да го реализираат она што како коалициони партнери во власта го отпочнаа, а не го завршија или поточно решено беа спречени да го завршат, а тоа е поделба на државата и уништување на нејзиниот суверенитет,“

изјави премиерот Црвенковски.

„Владата на Република Македонија цврсто и непоколебливо стои зад територијалниот интегритет, унитарниот карактер на нашата држава и нејзината изградба како интегрирано мултиетничко општество. Владата на Република Македонија ќе ги искористи сите институционални и со устав загарантирани механизми, и нема да дозволи повторна дестабилизација или нарушување на мирот и стабилноста на државата. Истовремено, владата на Република Македонија ги повикува сите прогресивни општествени сили, сите политички партии, здруженија на граѓани, невладини организации, а пред се сите граѓани на Република Македонија без разлика на нивната етничка и верска припадност, да ги осудат и отфрлат овие апокалиптични сценарија и нивните промотори.“

Со реакција за актуелните случувања во Македонија се јавија и амбасадорите на САД, ЕУ, НАТО и ОБСЕ во земјава.

„Политичките партии, политичките претставници кои го потпишаа Рамковниот договор имаат одговорност активно да му се придружат на овој процес и да го направат успешен. ЕУ, САД, НАТО и ОБСЕ остануваат решени и целосно ангажирани во овој процес и натаму ќе проролжат да даваат целосна поддршка на напорите на сите демократски политички актери на државните институции и на граѓанското општество, кои се посветени да работат за негова целосна имплементација, како и во борбата против оргнизираниот криминал и корупцијата,“

велат амбасадорите Батлер, Бигман, Џенес и Брунс во заедничката изјава.
XS
SM
MD
LG