Достапни линкови

Различни гледања на минатото, но заеднички стратешки определби


Факт е дека во односите меѓу Република Македонија и Република Бугарија се уште има делови од историјата за кои двете земји имаат различни гледишта, но тие имаат и многу заеднички, речиси идентични гледишта базирани врз ориентацијата која е стратешка за двете земји – да станат дел од Европската унија и НАТО. Ова го истакнаа претседателот на владата на Република Бугарија Симеон Саксобурготски и неговиот македонски колега Бранко Црвенковски на средбата во зградата во македонската влада. Во односите меѓу двете држави политиката е важна, но за мене поважна е економијата – потенцираше бугарскиот премиер:

„И покрај тоа што односите се одлични, сметам за потребно да кажам оти треба да го поттикнеме интензивирањето на економските односи. Сметам дека Македонија и Бугарија имаат многу допирни точки и ќе се трудиме тие да се развиваат максимално“.

„А тоа значи дека сме подготвени да ги прифатиме заедничките европски норми, стандарди и принципи. Сигурен сум дека во истиот момент кога ќе почнеме да ги применуваме европските норми и принципи, дел од различните погледи кон минатото сами по себе ќе станат надминати“ – рече Црвенковски.


Тој потенцираше дека во наредниот период приоритет на двете земји ќе претставува изградбата на коридорот 8, како и интензивирањето на соработката во борбата против организираниот криминал во регионот.

Што се однесува до некои од прашањата кои се уште имаат третман на отворени во релациите меѓу двете земји, како што е тоа за македонското национално малцинство во Бугарија, премиерот Саксобурготски одговарајќи на прашање колку се применуваат нивните права во Бугарија, рече:

„Во една европска демократија има многу малку ограничувања за културни организации кои немаат изразен политички карактер. Во нашите залагања да одиме кон Европа треба да гледаме кон иднината и да најдеме точки што не обединуваат и да не се настојува на некои идеи кои не се толку современи“.
XS
SM
MD
LG