Достапни линкови

Сојузниците се фокусираат на обновата на земјата


Американските и сојузничките војници во Ирак се фокусираат врз обновата на земјата по соборувањето на режимот на Садам Хусеин. Американската централна команда соопшти дека во Багдад е формиран цивилно-воен центар, кој има задачи во неколку области, - враќањето на редот, снабдувањето со електрична енергија и вода, како и медицинска помош. Американскиот претседател Џорџ Буш изјави дека мисијата во Ирак сеуште не е завршена.

„Нашата победа е сигурна, но не е комплетна. И покрај тоа што диктатороскиот режим е урнат, во делови од Ирак сеуште има опасни елементи, кои или ќе се предадат или ќе бидат уништени.“

Државниот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд изјави дека сојузничките сили го расчистуваат теренот јужно од Багдад.

„Нашите сили сега се враќаат во помалите ирачки градови за да се справат со преостанатите приврзаници на режимот. Операциите ќе продолжат се додека приврзаниците на Хусеин не бидат остранети од секој дел на Ирак.“

Во меѓувреме во Ирак започна процесот на политичка реконструкција. Ирачки претставници на состанокот во близина на Насирија усвоија заеднички документ, според кој ирачаните сами ќе ги изберат своите лидери, садамовата Баас партија ќе биде рсформирана, а предвиден е федерален систем. На состанокот не учествуваа претставници на главната шиитска група поради американската улога во преговорите. Државниот секретар Колин Пауел најави дека ќе следуваат уште вакви состаноци.

„Наредните недели ќе има уште состаноци и како резултат на тие средби ќе произлезе новото раководство и владата на ирачкиот народ.“
XS
SM
MD
LG