Достапни линкови

logo-print

Американските тенкови влегоа во Тикрит


Американски тенкови изутрината влегле во центарот на Тикрит, родното место и последното упориште на ирачкиот претседател Садам Хусеин. Според агенциите, при влегувањето американските сили не наишле на поголем отпор. Влегувањето, како што се додава, било овозможено откако сојузниците извршиле жестоки воздушни напади врз позициите на Републиканската гарда во предградијата на Тикрит. Притоа биле уништени неколку ирачки тенкови и убиени петнаесетине ирачки војници. Катарската телевизија Ал Џeзира јави дека биле во тек преговори меѓу локалните лидери и американските војнци за можното предавање на преостанатите џепови на отпорот во градот. Официјалната објава на падот на Тикрит, како што јавуваат агенциите, би требало симболично да го означи и крајот на ирачкиот режим. Командантот на американската Централна команда во Заливот генерал Томи Френкс изјави дека во Ирак биле откриени странски платеници. Во интервјуто за Си-Ен-Ен генерал Френк прецизираше: Знаеме дека во Ирак има странци кои се решени да се борат до последен здив. Пронајдовме борци од некои земји меѓу кои и од Сирија. Вчера американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд ја обвини Сирија дека им дава засолниште на високи ирачки раководители, а претседателот Џорџ Буш изрази уверување дека таа земја поседува хемиско оружје. Британскиот министер за надворешни работи Џек Строу денеска повтори дека сојузниците немаат список на идни земји за интервенција:

„Има важни прашања на кои Сиријците треба да одговорат. Во врска со тоа дали Сирија е следна на списокот - ние бевме јасни – не. Нема список на идни земји.“

Рече британскиот министер Џек Строу на денешната прес конференција во Манама – Бахреин. Тој додаде дека сојузниците веќе ги започнале активностите за воспоставување на редот и мирот во Багдад и во другите ирачки градови зафатени со насилства и ограбувања. Во меѓувреме, продолжуваат и напорите за изнаоѓање нови ирачки лидери. Поделените опозициони групи деновиве треба да започнат серија средби на кои би требало да се договорат за идната транзициона влада во Ирак.
XS
SM
MD
LG