Достапни линкови

Закон за азил


Во државава престојуваат околу 3000 странски државјани под статус на хуманитарно згрижени лица, а еден мал дел луѓе престојуваат и без регулиран статус. Со законот за азил што треба наскоро да влезе во собраниска процедура треба да биде воспоставен ред во регулирањето на статусот и условите под кои овие лица во иднина ќе престојуваат во земјава. Претседателот на Хелсиншкиот комитет Мирјана Најчевска објаснува:

„Кај нас како и во другите држави, не се признава економскиот азил, значи за статусот азилант може да аплицира само лице коешто било субјект на посебна тортура, измачување, загрозување на неговиот живот, како и животот на неговото семејство и тоа поради своите демократски или напредни убедувања. Значи, политичкиот азил е оној којшто во моментов е дозволив.“

Законот, според Благоја Стојковски претставник на МВР пред се ќе треба да овозможи забрзување на постапката во дефинирањето на можноста на престојот на странците во земјава:

„Во сегашната законска регулатива немавме основи за брза постапка. Кога се работи за очигледно неосновани случаи, значи во старт немавме можност да ги водиме по брза постапка. Луѓе кои доаѓаат и кажуваат дека не можам да се вратам назад затоа што таму немам вработување. Тоа не е основа за добивање азил.“

Најголем од лицата кои престојуваат во Македонија под форма на хуманитарно згрижени се оние што дојдоа во 1999 година за време на бегалската криза. Од 360,000 бегалци од Косово колку што своевремено пристигнаа во Македонија, денес овде сеуште како хуманитарно згрижени лица живеат 2,900.

„Во 95 насто од случаите се работи за Роми, Срби, Македонци Муслимани што немаат македонско државјанство, тоа е многу мал број. Нешто Хрвати, Босанци, меѓутоа тоа е многу мала бројка. Главно се Роми.“

Претседателот на Хелсиншкиот комитет Најчевска објаснува кои се обврските што државата треба да ги преземе на лицата на кои би им се овозможил азил.

„Да остваруваат одредени права во смисла на работа, социјални права, здравствени права и образовни права. Значи, целокупно прифаќање на тие луѓе како свои граѓани.“

Претставникот на МВР Благоја Стојковски додава оти Македонија, сепак, не претставува земја на интерес за азиланти поради економската состојба во која се наоѓа нашата држава.

„За жал, сеуште сме само транзитна држава. Зборувам за жал, затоа што, како што рече еден колега од ЕУ во моментот кога вие ќе станете целна земја илегални мигранти и за баратели на азил вие ќе бидете спремни да влезете во ЕУ, зашто веќе ќе бидете развиена земја.“
XS
SM
MD
LG