Достапни линкови

logo-print

Обединетите Нации тргнати настрана


Како што сојузничките сили ја зацврстуваат нивната контрола врз Ирак, Обединетите Нации, по се изгледа, се повеќе се тргнати настрана. Иако има некакви нови повици тие да играат важна улога во поствоен Ирак, почетните знаци покажуваат дека во Советот за безбедност, кој треба да ја дозволи таквата улога, нема обединетост околу ова прашање.

Повеќето земји – членки на Обединетите Нации сметаат дека војната во Ирак била нелегитимна, бидејќи не била поддржана од Советот за безбедност на Обединетите Нации. И колку што ветровите на таа војна стивнуваат изгледа дека Обединетите Нации повеќе ќе бидат гледачи, отколку актери во Ирак. Организацијата која десет години играше клучна улога во разоружувањето и хуманитарната помош во Ирак времено е тргната настрана. Наскоро се очекува Обединетите Нации да ја продолжат хуманитарната активност, но не и да решаваат за ирачката иднина. Генералниот секретар Кофи Анан веќе наименува свој специјален советник за Ирак, но Советот за безбедност и натаму е поделен за учеството на Светската организација во поствоената обнова на таа земја. Русија и Франција остануваат на ставот дека не сакаат Обединетите Нации да ја легитимизира воената акција во Ирак. Рускиот амбасадор во Њујорк Сергеј Лавров запрашан за можноста Светската организација да соработува со Британија и Соединетите Држави вели:

„Тоа, според Женевските конвенции, е одговорност на окупаторските сили и не мислам дека Обединетите Нации имаат нешто да сторат во врска со тоа.“

Американскиот претседател Џорџ Буш деновиве изјави дека очекува Обединетите Нации да играат витална улога во Ирак. И американскиот амбасадор во Светската организација Џон Негропонте се надева дека Советот за безбедност ќе успее да се обедини околу ирачкото прашање:

„Ние искрено се надеваме дека би можеле тесно да работиме со членките на Советот, вклучувајќи ги оние постојаните кои се противеа на нашата акција. Се надеваме дека тие ќе соработуваат со нас.“

Но, засега, според многумина аналитичари, таа соработка би била само околу хуманитарна помош за Ирак.
XS
SM
MD
LG