Достапни линкови

logo-print

Поддршка за одлуката на претседателот Трајковски


Актуелизирањето на аферата прислушување од страна на влaста што Доста Димовска го оцени како обид таа да биде политички оцрнета еден месец пред одржувањето на конгресот на ВМРО ДПМНЕ, според потпретседтелот на оваа партија Марјан Ѓорчев нема врска со случувањата во ВМРО- ДПМНЕ. Но, од друга страна тој во изјавата за Радио Слободна Европа рече оти во перспектива не би постоела пречка за повторно партиско ангажирање на Димовска во таа партија.

„Се разбира доколку ИК или ЦК оцени дека услугите на еден така виден член како што била Димовска во изминатите 12 години од постоењето на партијата се нужни, тогаш според мене не постои никаква пречка за враќање на Димовска затоа што таа со своите напори овозможила партијата да дојде до ова скалило, до овој степен со висок број на членство, со високи резултати во политичкиот живот.“

Оваа изјава на Ѓорчев уследи откако директорот на агенцијата за разузнавање и поранешен министер за внатрешни работи Доста Димовска ја обвини актуелната власт оти аферата прислушување ја темпира во смислено одбран момент.

„Имено се наоѓаме еден месец пред одржувањето на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ и тоа е направено за да се попречи моето враќање на политичката сцена. Одчигледно е дека многумина стравуваат од моето политичко активирање. Со овој потег всушност актуелната власт сака политички да ме оцрни и под притисок да ме отстрани од актуелното место во агенцијата за разузнавање,“

изјави директорот на агенцијата за разузнавање Доста Димовска која во меѓувреме е само член на ВМРО-ДПМНЕ откако пред повеќе од една година таа си поднесе оставка на сите повисоки функции. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Марјан Ѓорчев кој не ја спори можноста Димовска повторно да биде ангажирана во таа партија сепак дообјаснува оти во моментов нејзината функција во агенцијата за разузнавање е од стратегиско значење за државата:

„Се додека таа е на таква функција дискусијата за нејзино партиско ангажирање е беспредметна, затоа што таа не може да биде партиски ангажирана кога е директор на агенција од општ државен интерес на Република Македонија.“

Инаку, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ застана зад одлуката на претседателот Борис Трајковски за помилување и стопирање на процесот против Димовска. Во случај да беше отворен процес тогаш и ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистираше лицата кои се одговорни за прислушуавње на членови на оваа партија да одговараат за тоа рече Ѓорчев.

„Тогаш тоа ќе беа многукратни процеси и ќе се усложнеше до тој степен безбедносната ситуација во Македонија и ќе ослабнеше еден многу важен сегмент во одбраната на Република Македонија, а тоа е прибирањето на информации од суштински каракер за државата.“
XS
SM
MD
LG