Достапни линкови

Се интензивираат размислувањата за идната власт во Ирак


Како што сојузничките сили навлегуваат подлабоко во Багдад, така американската администрација во Вашингтон ги интензивира дискусиите за тоа каква треба да биде власта во Ирак веднаш откако ќе запрат борбите. Заменик секретарот за одбрана Пол Волфовиц вели дека Соединетите Држави сакаат брзо воспоставување на новата ирачка власт. Но, Волфовиц забележува дека таа не би можело да биде формирана толку брзо како онаа што ја создадоа Курдите во северен Ирак по Првата Заливска војна во 1991 – ва година. Тој смета дека организирањето влада за целиот Ирак ќе биде многу покомплицирано и за тоа ќе требаат најмалку шест месеци:

„Целта не е формирање влада веднаш. Целта е колку што е можно побргу режимот да биде заменет со влада што ќе го претствува ирачкиот народ. И ние разговаравме со ирачаните во земјата и надвор од неа што мислат – каква привремена власт може да биде мост од нашата почетна администрација до влада избрана од ирачаните. Ќе ни треба време. Ќе видиме што ќе се случува на теренот кога ќе ја формираме привремената власт.“

вели Волфовиц. Прашањето останува кој ќе раководи со таа власт. Влијателниот американски сенатор Џозеф Бајден вели дека е загрижен од тоа што таа би можело да биде предводена од протерани ирачани, а не и од оние што молчаливо му се спротивствуваа на Садам Хусеин во самиот Ирак. Бајден додава дека според информациите со кои располагал советниците на претседателот Џорџ Буш барале поголема улога за опозициониот Ирачки национален конгрес предводена од шиитскиот бизнисмен Ахмад Чалаби:

„Зборот беше, дали е тоа вистина или не, дека Чалаби и Ирачкиот национален конгрес ќе имаат шеесетина проценти и оти ќе се борат за освојување на простанатите четириесет насто во владата. Во таков случај тоа е рецепт за катастрофа. “

Сенаторот Бајден вели дека тој поддржува во пост воен Ирак поголема улога да имаат Обединетите Нации или НАТО.

„Би сакал да ги видам НАТО силите таму. Би сакал и другите да ја делат одговорноста.“

Администрацијата на Џорџ Буш, за разлика од британската влада, смета дека улогата на Обединетите Нации би требало да биде лимитирана само на хуманитарнита сфера, а не и во создавањето нова ирачка власт. Во меѓувреме, Соединетите Држави соопштија дека околу седумстотини војници, претежно ирачки американци, веќе дејствувале како помош на сојузничките сили во некои делови на Ирак.
XS
SM
MD
LG