Достапни линкови

Борби во центарот на Багдад


Американските трупи изутрината влегле во централните делови на Багдад при што била освоена главната претседателска палата на Садам Хусеин. Американскиот воен портпарол Питер Баер изјави дека е ставена под контрола претседателската палата и уште една друга зграда во центарот на градот. Агенциите јавуваат дека и натаму се слушаат престрелки. Двајца американски војници загинале, а неколкумина биле ранети во борбите за обезбедување на мостовите на Тигар во источниот дел од Багдад. Според Пентагон, денешната акција не е битка за Багдад, туку порака до ирачкиот режим за моќта на сојузничките сили. Целта не е завземање на градот, а престојат уште битки со припадниците на Републиканската гарда, изјави портпаролот на американската команда во Катар Френк Торп. Ирачкиот министер за информации Саид Ал Сахаф во Багдад изјави дека градот е безбеден и оти ирачките трупи ќе го одбранат.

„Тие ја немаат контролата, дури ни врз споствените сили. Не им верувајте. Овие освојувачи ќе бидат убиени.“

Сојузничките сили за време на викендот го освоија меѓународниот аеродром кај Багдад и започнаа опколување на градот. Американски воени извори соопштија дека ги контролираат сите главни патишта околу градот. Во јужен Ирак, британските сили ја превземаат контролата врз Басра, но сеуште се соочуваат со ограничен отпор. На север, агенциите јавуваат дека се слуша жесток артилериски оган во градот Мосул, кој е сеуште под контрола на ирачките сили, а курдските борци изјавија дека го освоиле местото Аин Сифни, во близина на Мосул.
XS
SM
MD
LG