Достапни линкови

Поделбата на имотот на поранешна СФРЈ сеуште трае


И по десетгодишна делба петте наследнички на имотот на СФРЈ сеуште не успеаја да го поделат финансискиот колач, чија вредност е проценета на 1.3 милијарди долари, иако големината на парчињата е веќе утврдена. Според договорот од вкупната маса што ќе треба да се распредели Македонија ќе добие 7.5%, освен во делот на дипломатскиот имот каде процентот на поделба изнесува осум насто. По оваа основа на Македонија веќе и припадна амбасадата во Париз.

Поделбата почна да тапка во место, кога се утврди дека од пресметаните 645 милиони американски долари што ги поседувале осумте мешовити банки фалат 590 милиони долари. Токму поради овој момент Хрватска не сака да ја ратификува спогодбата за сукцесија, додека не се одговори на прашањето кој, кога и како ги потрошил овие средства. Неофицијално прстот е вперен кон Србија и Црна Гора. Но оттаму велат, ние ништо не знаеме бидејќи, на 1 јуни 92 година се воведени санкции и блокирани сите сметки на правните лица на територијата на Србија и Црна Гора. Доколку средствата се одлеани во времето кога на сила беше одлуката за ембарго на финансиски трансакции во тој случај станува збор за меѓународен криминал е коментарот што доаѓа од македонскиот преговарачки тим.

Петте земји сукцесори не упеаја да се договорат и за заеднички настап пред американските власти околу начинот на повлекување на депозитите што поранешна СФРЈ ги поседуваше во Соединетите Американски Држави, од каде Македонија побарува 16 милиони американски долари.

„Постои веројатност да бидат деблокирани, во зависност од тоа како секоја земја наследничка ќе одговори. После 15-ти април прашајте ме дали се деблокирани и дали се ставени на сметка. Македонскиот дел се знае, 7.5 насто е во сите средства, кога ќе бидат и ако бида деблокирани.“

е ставот на шефот на македонскиот преговарачки тим Душанка Христова. И по десет години делба сеуште не е извршена точна пресметка на клириншките побарувања што петте земји ги имале низ државите во светот, а кој според пресметките ја достигнуваат сумата од околу една милијарда клириншки долари или 625 милиони американски долари.

Во делот на побарувањата кон поранешна СФРЈ ги имаше со тогашниот Советски Сојуз е утврдено дека Македонија ќе треба да добие 96.7 милиони американски долари. Меѓутоа сугестијата е дека средствата ќе бидат исплатени во полн износ само доколку се договори стоково или инвестиционо раздолжување. Предлогот лиферуван од макеоднскиот преговарачки тим е исплатата да се изврши во нафта и гас или евентуално руско инвестирање во енергетски објекти во државата.

На сметка на Народната банка на Макеоднија се легнати единствено 75 милиони американски долари на име распределба на златните шипки од Базел.
XS
SM
MD
LG