Достапни линкови

Багдад - нова фаза во војната


Дали претстои нова фаза во војната против Ирак сега кога сојузничките сили се во близина на центарот на Багдад. Според експертите, досегашната тактика на заобиколување на уличните борби во градовите на патот кон Багдад доведоа до ваково брзо напредување на сојузничките копнени единици.

Првата заливска војна траеше шест недели. Авганистанската – девет. Косово – единаесет месеци. Втората заливска војна досега трае нешто повеќе од две недели. Со американските трупи на вратите на Багдад, планот сега изгледа многу добро - пишува Њујорк Тајмс, потсетувајќи на првичните критики дека не функционира американскиот воен план за уривање на ирачкиот режим. Од друга страна, експертите велат дека сојузничките сили во брзиот поход кон Багдад оставиле многу таканаречени џебови на отпорот кои ќе претставуваат опасност во иднина. Џон Гарнет раководи со Лондонскиот центар за одбранбени студии.

„Тоа беше генерална политика – не влегувајте во градовите и во улични борби, бидејќи тоа ќе предизвика многу жртви и уништување. Но, од друга страна тоа овозможува појава на силни џепови на отпорот и на снајперисти.“

Што се однесува до Багдад, Гарнет смета дека не е прашање дали коалиционите сили ќе го преземат Багдад, туку како да го сторат тоа. Според него, уличните борби би биле прескапи – и политички и во однос на големите човечки жртви. Тој додава дека би била подобра долга кампања на изгладнување со што би се избегнале жртвите.

„Тоа е моето мислење – опколување на Багдад и тешки бомбардирања врз цели на режимот, но не и улични борби како оние во Берлин на крајот од Втората светска војна. Тоа беше толку деструктивно и не мислам дека светската јавност ќе ни прости за тоа.“

Гарнет додава дека победата на мирот ќе биде многу потешка доколку Багдад биде разурнат и доколку многу негови невини граѓани загинат.
XS
SM
MD
LG