Достапни линкови

Законот за јавно обвинителство не дава можност за ефикасна борба против криминалот


Постојниот закон за јавно обвинителство не дава можност за успешна борба против организираниот криминал, ниту пак го решава статусот на обвинителите како што тоа е сторено во современите системи, смета Роксанда Крстевска заменик републички јавен обвинител

„Ова го велам од причини што јавниот обвинител е ограничен како во однос на полицијата, така и во однос на судот, во насока на влијание за тоа колку брзо предметите ќе се движат, но и во насока на прибирањето на доказите по одредени кривични предмети“.

Крстевска вели дека предлог законот кој треба да влезе во процедура не нуди добри решенија. Според неа статусот на јавните обвинители е непримерен поради тоа што мандатот од шест години не само што ги лимитира временски, туку и ги врзува за извршната власт според начинот на кој се именуваат.

„Од таа причина ние сме заложници и веројатно во таа борба ќе останеме истрајни, јавните обвинители да бидат селектирани и вреднувани од посебно тело коешто би влегувало веројатно во некој поголем правосуден совет поделен во оддел за судии и оддел за јавни обвинители што би го сочинувале обвинители од сите региони на Република Македонија и во кој би влегле и претставници на извршната власт, но не во бројка што би ја надминувала бројката повеќе од половина, затоа што тогаш повторно би се довело во сомнение вреднувањето на јавните обвинители и можните влијанија на извршната власт“.

Покрај ова, Крстевска посочува дека на јавниот обвинител треба да му се дадат и повеке ингеренции во борбата против организираниот криминал, а сето ова пак вели таа повлекува и промена на Уставот.
XS
SM
MD
LG