Достапни линкови

Не и верувајте на воената пропаганда


Првите денови од војната во Ирак беа одбележани со сомнителни изјави и обвинувања од двете страни: од извештаите дека Садам Хусеин бил убиен уште во првите воздушни удари, до оние дека сојузниците намерно одбирале цивилни цели за да го урнат моралот кај ирачаните. Ваквите изјави се очекувани во секоја војна, но конечниот ефект од нив е нарушениот кредибилитет на страните што војуваат.

Поранешниот британски премиер Винстон Черчил еднаш рече – Вистината понекогаш е толку скапоцена што мора да биде чувана од телохранител на лагите. Војната со зборови започна само неколку минути по првите напади врз Багдад со тоа дали ирачкиот претседател Садам Хусеин е убиен во нив или не. Продолжи со наводите дека пристаништето Ум Касар уште во првиот ден на копнените операции падна во рацете на сојузниците. Тоа беше демантирано од ирачаните. Од тогаш требаа цели пет дена британските сили да кажат дека повеќе или помалку го контролираат Ум Касар. Приказната на сојузниците дека во Басра имало востание против ирачкиот режим беше заборавена откако немаше никакви материјални докази за тоа. Доведувањето во заблуда или дезинформирањето се дел од секоја оружен конфликт. Британскиот воен експерт Чарлс Хејман вели дека со промислените погрешни информации се има намера да се внесе конфузија и да се посеат кавги во редовите на непријателот:

„Постои голема опасност доколку аналитичарите веруваат во се она што го кажуваат Вашингтон и Лондон. Целта на воената машинерија за јавни односи во овој момент е да се внесе заблуда меѓу непријателот.“

вели Хејман. Деновиве ирачкиот режим ги демантираа наводите на сојузниците дека ирачките војници во цивилна облека и со возила на Црвениот Крст подготвувале заседи за американските и британските трупи. Се појавија и информации дека ирачкиот режим во подрачјата кои се уште се под негова контрола продолжува да владее со терор односно дека ги убива ирачаните кои одбиваат да се борат. Некои од ваквите обвинувања можеби и се вистинити, но засега не можат да бидат докажани. Очигледно една од целите на сојузниците ќе биде да соберат докази за ваквите нивни наводи. Но, за аналитичарите како Хејман ефектите на ваквиот вид обвинувања е пред се да се намали кредибилитетот на сите страни. Негов совет:

„Важно е да не и се верува на пропагандата. Употребувајте го разумот. Погледајте што се случува на теренот. Третирајте го секој извештај како пропаганда и со голем скептицизам.“
XS
SM
MD
LG