Достапни линкови

Сојузничките сили на 80 километри од Багдад


Копнените борби се доближуваат до Багдад. Агенциите јавуваат за судири меѓу сојузничките трупи и ирачките сили околу Хиндија, на 80 километри јужно од главниот ирачки град. Според американски офицери, ирачките сили претрпеле големи загуби, а во борбите загинал и еден американски војник. Ирачки претставници соопштија дека и околу јужниот град Насирија се воделе борби во кои биле инволвирани припадници на Републиканската гарда. Американскиот генерал Питер Пejс потврди дека 7 жени и деца настрадале кога сојузничките сили отвориле оган врз нивното возило на еден контролен пункт во близина на Наџаф.

„Возилото се доближуваше до контролниот пункт и не ја послуша наредбата да запре. Беа истрелани предупредувачки истрели, но тоа продолжи да се движи, по што беше пукано во него.“

Во сличен инцидент денеска во близина на градот Шатра бил застрелан еден ирачанец во камион. Ваквите инциденти доаѓаат откако во саботата во близина на Наџаф четворица американски војници загинаа при самоубиствен напад. Кувајтската армија соопшти дека денеска уште еднен ирачки проектил бил истрелан кон Кувајт, но оти бил соборен со ракета Патриот. Од почетокот на војната најмалку 17 ирачки проектили биле истрелани кон Кувајт, но речиси сите беа соборени. Американскиот претседател Џорџ Буш уште еднаш повтори дека Ирак ќе биде ослободен од тиранијата.

„На граѓаните на Ирак им гарантирам – Доаѓаме со моќни сили да и ставиме крај на тиранијата и да ви донесеме храна, лекови и подобар живот. Нема да запреме се додека вашата земја не биде слободна.“

Буш предупреди дека можеби ќе има обиди за терористички напади во Соединетите Држави, но оти ќе бидат спречени. Генералниот секретар на Арапаската лига Амр Муса оцени дека вистинската војна ќе почне кога ќе падне Багдад и оти станува збор за многу сериозна криза. Тој побара итно запирање на војната со какво било решение во рамките на Обединетите Нации.
XS
SM
MD
LG