Достапни линкови

logo-print

Се отстрануваат дивите продавачи од Скопје


Први на удар, во битката што владата ја започна за сузбивање на сивата економија во државава се најдоа уличните продавачи. За да заработиме нешто ни остануваат единствено деновите кога полицијата и инспекторите нема да поминат за да не избркаат, ќе изјават повеќето од уличните продавачи на цвеќе, весници, разни прехранбени производи кои најчесто ќе ги сретнете на пофреквентните места во градот.

„За компири што продавам ми направија записник, нема кај да одиме, мораме тука да се снаоѓаме, ако не тука на друго место ќе се снаоѓаме.“

„Многу фирми се без работа, одат под стечај, мора вака да се опстанува, единствено ако така ни овозможи државата може да егзистираме, најосновно и за живот.“

„Абе добро, стоката сме ја земале сега, земено е имаме и записник за тоа направено. Нас не ни даваат да продаваме, социјално немаме три месеци, ни го укинале социјалното и тоа е животот.“

„Сега продавам, за великден како за еден месец, а тезга и да сакам не можам да најдам. Би сакала да има одредени места за продавање, да не играме секојдневно вакви миженки.“

велат уличните продавачи.

Резултатите од акцијата се видливи уште во првите денови. Водиме сметка за социјалниот статус на овие луѓе, но најчесто станува збор за лица кои продаваат нелегално, бидејќи не се регистриани за вршење на никаква дејност, вели Трајко Кочковски од државната пазарна инспекција.

„Инетнзивни сме во контролите на локациите што ја даваат грдата слика на градот. Поднесени се десетина барања за поведување прекршочна постапка за лица коишто вршеле недозволена трговија. Одземена е трговска стока во вредност од неколку илјади денари.“

За ваквиот начин на продажба што претставува се поголем проблем мора да се најде решение согласни се и од министерството за економија и од пазарната инспекција. Во секој случај, велат надлежните, мора да се побрза со реализацијата на идејата за определување на соодветна локација во градот, каде што овие луѓе по пристапна цена за тезга ќе може да ги изложуваат своите производи.
XS
SM
MD
LG