Достапни линкови

1000 белагалци Роми ќе мора да го напуштат кампот Шуто Оризари


Повеќе од 1000 бегалци Роми од Косово, до денеска мораат да го напуштат бегалскиот камп во Шуто Оризари, во кој престојуваат речиси четири години, по косовската криза во 99-тата година. За нив е неприфатлива одлуката на УНХЦР, да се иселат од кампот и да бидат сместени во приватни престојувалишта.

„Со ваквото решение се обидуваат да не разединат, не бараме ништо друго, освен Високиот комесаријат за бегалци кој не донесе во Македонија, да обезбеди услови и да не врати на Косово,“ реагираат бегалците. Сепак во напната атмосфера, и со интервенција на полицијата, деновиве започна акцијата за затворање на кампот

„Бараме да не вратат на Косово, меѓутоа УНХЦР избегнува таков одговор. Ако меѓународната заедница не е способна да ни обезбеди таква безбедност, мислам дека ние не сме виновни за тоа.“

„Тоа ние сакаме желба ни е да се вратиме дома,“

велат бегалците.

До крајот на месецов бегалскиот камп ќе биде затворен, и друга алтернатива нема, а за бегалците се обезбедени навистина пристојни услови со оглед на лошата состојба за живеење во кампот, вели Горан Момировски од Високиот комесаријат за бегалци.

„Секој возрасен член на семејтво кој има статус на хуманитарно згрижено лице ќе добие 2000 денари месечно како средства што ќе бидат употребени за изнаоѓање на приватно сместување. Во дополнување на тоа и 600 денари за храна, а здравствената заштита се разбира ќе биде потполно покриена од наша страна. Се работи за просечна сума од 11000 денари што ќе го добие секое семејство со кои ќе може да ги покрие своите потреби во текот на месецот.“

Во македонското министерство за внатрешни работи, кое освен УНХЦР, е надлежно за згрижувањето на косовските бегалци и изнаоѓање на трајно решение за проблемот, велат

„Конкретни чекори не се направени, ниту за враќање на бегалците на Косово, ниту за нивно интегрирање. Идниот период ќе треба да се преземат чекори и да се решат проблемите не само на овие бегалци. Тие претставуваат социјален проблем и на нашата земја,“

потенцира портпаролот на МВР, Мирјана Контевска. Неодамна Владата, донесе одлука со која на бегалците од Косово, со статус хуманитарно згрижени лица, престојот во земјава, им се продолжува до 23 септември годинава. Во Македонија, по косовската криза, сеуште живеат 2,700 бегалци од Косово.
XS
SM
MD
LG