Достапни линкови

Продолжуваат бомбардирањата на Багдад, самоубиствен напад кај Наџаф


Сојузничките сили ги продолжуваат бомбардирањата врз Багдад, особено јужните делови на градот. Цел на нападите била и зградата на ирачкото министерство за информации. Американски хеликоптери денеска во близина на Наџаф нападнале единици на ирачката републиканска гарда при што биле убиени пеесетина ирачки војници. Кај Наџаф денеска бил забележан и првиот самоубиствен напад. Тоа се случило на еден контролен пункт на Трета пешадиска дивизија и во него, според информациите, биле убиени пет американски војници. Американската централна команда претходно соопшти дека биле употребени ласерски наведувани бомби за да биде уништена и една зграда во Басра каде што, според извештаите, двесте ирачки парамилитарци имале состанок. Басра што ја контролираат садамовите фаедини е под опсада на британските сили. Ирачките сили остро им се спротивставуваат на сојзничките трупи и во Насирија – на околу сто и шеесет километри јужно од Багдад. Соединетите Држави таму веќе испраќаат засилување. Портпаролот на Белата Куќа Ари Флејчер, потврдувајќи дека станува збор за 100 илјади војници, демантира дека тоа покажувало оти сојузниците ја потцениле силата на ирачкиот отпор.

„Како дел од оригиналниот план, новите сили во регионот беа одобрени пред многу време.“

рече Флејчер. Претседателот Џорџ Буш, говорејќи пред група воени ветерани, изјави дека сојузниците ја ослабиле власта на Садам Хусеин.

„Режимот што некогаш го тероризираше целиот Ирак сега контролира мал дел од земјата. Коалиционите трупи го продолжуваат напредувањето и се во близина на Багдад.“

изјави Буш. Претходно, секретарот за одбрана ја обвини Сирија дека му доставува воена опрема на Ирак

„Овие испораки претставуваат директна закана по животите на сојузничките војници. Тоа е непријателски акт.“

рече Рамсфелд. Сириското министерство за надворешни работи ги отфрли неговите наводи како неосновани. Инаку, Советот за безбедност на Обединетите Нации едногласно реши на генералниот секретар Кофи Анан да му ја даде целосната контрола на хуманитарната програма за Ирак позната како нафта за храна во наредниве 45 дена.
XS
SM
MD
LG