Достапни линкови

Војната навлегува во втората недела


Војната во Ирак навлегува во втората недела. Главната цел Багдад и натаму е под оган на сојузниците додека како главна карактеристика е отворањето на северниот фронт. Околу илјада падобранци се спуштија на курдската територија во северен Ирак во близина на Арбил и воспоставија база кај еден стратегиски аеродром што треба да биде искористен за натамошен транспорт на воена опрема и персонал. Испраќањето на падобранците беше неопходно откако турскиот парламент не одобри користење на турска територија за американските сили. Државниот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд потврди дека сојузниците го зголемуваат бројот на силите во Ирак.

„Ние го зголемуваме бројот на силите во земјата секојдневно. Ние тоа го правиме на северот, на југот и на западот од Ирак. “

Американските и британските сили денеска нападнале конвој на ирачки воени возила кои се обидел да ја напушти Басра во јужен Ирак. Според извештајите биле уништени голем број возила, вклучувајки и тенкови. Шефот на американскиот генералштаб Ричард Мајерс изјави дека американските сили трагаат по колона лесни возила кои од Багдад се упатиле кон Кербала.

„Не е важно дали дење или ноќе ние ќе ги пронајдеме. Не сметаме дека се вооружени возила. Станува збор за лесни возила.“

Вашингтон соопшти дека денеска и покрај невремето продолжува движењето на трупите и од северот и од југот на Ирак. Во меѓувреме во земјата почнаа да пристигнуваат и првите позначајни пратки хуманитарна помош.
XS
SM
MD
LG